Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стопанската комора на Македонија договори заедничка стратегија со турски компании

Стопанската комора на Македонија договори заедничка стратегија со турски компании
Стопанската комора на Македонија денеска во Истанбул договори заеднички настап со турски компании на блиско-источните пазари и пазарите во Северна Африка. Заедничката стратегија за поддршка на компаниите во заедничкото освојување на кавкаските, блиско-источните и пазарите на Северна Африка ја договорија копретседателите на Македонско-турскиот деловен совет, Бранко Азески и Хасан Хошбен и претседавачот на Собранието на Стопанската комора на Македонија, Антони Пешев. Предвиден е заеднички настап на саеми, но и партиципирање на македонски компании во турските бизнис мисии. Договорено е овој пристап да се прошири и на регионот во рамки на активностите на Асоцијацијата на балканските комори (АБК). Во таа функција е предложено и веб-порталот на АБК да се стави во функција на заеднички регионален настап. Стопанската комора на Македонија попладнево информираше дека во разговорите било подвлечено дека ќе се анализираат и проблемите со кои се соочуваат компаниите од двете земји во работењето, како и евентуалните пречки што се појавуваат пред странските инвеститори или пред увозниците и извозниците. Како еден од конкретните проблеми е акцентирана процедурата за издавање дозволи за времено вработување и престој во Македонија за турските бизнисмени и работници. Исто така, оценето е дека треба да се разменуваат информации за бонитет на компаниите и за нивниот интерес за отпочнување деловни активности. Истакнато е дека на 23 март годинава ќе се одржи и традиционалната саемска манифестација на турски компании во Скопје што ќе биде уште една можност за меѓусебно препознавање и поголемо трасирање на заедничката соработка.
Слично

Поврзани вести