Стопанската комора: Компаниите да воведат OHSAS 18001
Многу мал број од домашните фирми го имаат воведено стандардот OHSAS 18001 со кој се добива заштита на компаниите од несакани трошоци, склучување подобри договори со осигурителните друштва, поголема продуктивност на работниците преку минимизирање на несреќите/повредите и стекнување доверба кај странските партнери.
- Заштитата на вработените од аспект на здравјето и безбедноста треба да е императив и приоритет на секоја компанија. Токму OHSAS 18001 помага во управувањето со овој тип ризици, ги уверува бизнис партнерите дека компанијата става акцент на превентивното делување, а тоа ја подобрува целокупната слика за неа и привлекува инвеститори, истакна Емилија Тодоровска на прес-конференција во Стопанската комора.
Од 31.500 на 54.000 во Велика Британија за две години се зголемила бројката на OHSAS сертификати, додека во Хрватска за пет години 460 отсто повеќе компании го вовеле стандардот.
Спроведената анкета во вкупно 788 фирми од ЕУ покажува дека OHSAS ги зголемил трошоците за обуки, но бенефитот бил многу повисока безбедносна култура кај вработените.
Според Комората, OHSAS 18001 испраќа порака дека компаниите управуваат со ризиците по здравјето и безбедноста на ефикасен и меѓународно верификуван начин. Трошоците за негово имплементирање се различни, зависно од типот и големината на фирмата. Многу побрзо, полесно и поевтино ќе го воведат оние што веќе имаат ИСО стандарди.
