Стопанска комора и Здружението на новинари потпишаа Меморандум за соработка
Во насока на унапредување и развивање на деловната соработка во рамките на дејноста, активностите, знаењето и искуството како и унапредување на општествениот, стопанскиот и правниот амбиент за работење и развој, Стопанска комора на Македонија и Здружението на новинари на Македонија потпишаа Меморандум за соработка. Процесот кој ќе го водат ЗНМ нивниот партнер Советот за етика во медиумите на Македонија и Стопанската комора ќе резултира со создавање на регистар на професионални медиуми, кој ќе и помогне на јавноста, но и на бизнис заедницата, полесно да распознаваат кои медиуми ги исполнуваат критериумите да бидат медиуми, кои се придржуваат до новинарскиот кодекс при своето работење и имаат транспарентно сопствеништво и импресум.

Конкретните активности кои ќе произлезат од Меморандумот ќе имаат за цел иницирање активности за подобрување на нивото на професионализам во работењето на медиумите во државата, вклучувајќи го и работењето на онлајн медиумите преку прифаќање на концептот на медиумска саморегулација и почитување на етичките стандарди, развивање на деловниот морал и на деловното однесување на своите членови, истакна потпретседателот на СКМ, д-р Јелисавета Георгиева – Јовевска на потпишувањето на овој документ.

Комората во интерес на застапување на своите членки со еснафското здружение, и со нивиот партнер Советот за етика на медиумите во Македонија, ќе соработува преземајќи повеќе активности.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски посочи дека регистарот ќе има за цел прзентирање вистините вести, кои се одраз на неселективно обезбедување информации и прзентирање на сите засегнати страни. Според Чадиковски процесот на изработка на критериумите за регистарот ќе биде инклузивен процес каде преку одржување на консултативни средби со новинари, претставници на порталите и на бизнис заедницата ќе се дојде до најквалитетните решенија.
Ваквиот вид на евидентирање ќе и помогне и на бизнис заедницата да има јасна слика кои медиуми какви вести пласираат и врз основа на тоа да носат одлуки за рекламирање, бидејќи и тие вели Чадиковски сакаат да го помогнат овој процес, а истовремено имаат и општествена одговорност за да го поддржат постоењето на квалитетните медиуми.
Катерина Синадиновска, претседател на УО на Советот за етика на медиумите во Македонија изјави дека ваквиот модел на саморегулирање на работата на он лине медиумите со одредени критериуми, може да го одржи процесот на демократско изразување, а при тоа сепак да се темели на почитување на стандардите, етичноста и приватноста. Советот за етика е тело што инсистира на саморегулација на интернет просторот, со јасен став дека не ни треба закон во оваа суптилна сфера. Дел од нашата мисија вели Синадиновска, меѓу другото се однесува и на намалување на бројот на тужби кон новинарите, повикувајќи се на препораките од Стразбур и на европските добри практики.
Синадиновска додаде дека проблемот со непочитувањето на професионалните новинарски стандарди е најзастапен токму во интернет просторот. Според статистиката на СЕММ минатата година дури 77 % од добиените претставки се однесувале на текстови токму на порталите.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е здружение на професионалните новинари, основано на 17 февруари 1946 година во Скопје. Неговата цел, е да биде промотор и заштитник на професионалните стандарди и на слободата на изразување.
