Стопанска комора: Шест месеци за адаптација за сите нови даночни измени
Стопанската комора на Македонија побара од Владата за идните измени во даночниот систем да се воведе „даночен календар“. Измените во даночниот систем да се носат најдоцна до 30 јуни во тековната година, а да почнат со примена во почетокот на наредната година. Тоа денеска го побараа од надлежните на прес конференција во Стопанската комора.
Со ова, како што соопшти Зоран Јовановски, советник во Управниот одбор на Комората ќе се избегнат неизвесноста, непредвидливоста и дополнителното финансиско оптоварување кај бизнисите предизвикано од последните брзи промени на даночниот систем.
Предлогот за воведување „даночен календар“ е донесен од Управниот одбор на Комората, рече Јовановски и додаде дека истиот предлог ќе биде доставен до Владата деновиве.
Пресметките на Комората се дека ова решение ќе има еднакви поволности како за бизнисмените така и за целокупната економија.
Тој е оптимист дека Владата ќе го прифати ова барање на Комората, а како системско решение ќе го применува и секоја друга Влада.