Стопанска банка – Скопје ќе го кредитира „Макстил“ со 24 милиони евра!
„Макстил“ заложи недвижен имот, опрема, произведени лимови, движен имот и новата опрема за заштита за животна средина што треба да ја купи со овој кредит
„Макстил“ ќе добие нов кредит од 24 милиони евра од Стопанска банка Скопје наменет за тековно работење, за покирвање на доспеани и неплатени обврски и за инвестиции во животната средина. Ова со одлука го одобри Собранието на акционери на единствената македонска челичарница одржана во средата и објавена вчера на Македонската берза за хартии од вредност, согласно обврските за објава на информации заради зделка класифицирана како голема во однос на финансиските податоци од последните ревидирани финансиски извештаи на таа компанија.
Според достапните информации станува збор за мулитвалутна кредитна рамка која има во одредени делови има револвинг принцип и тој се однесува на кредитната рамка што се обезбедува за тековно работење на компанијата поточно за краткорочни кредити, гаранции и акредитиви. Кредитната рамка е поделена на три подлимити и два од нив се на револвинг принцип и се наменети за тековно работење. Едниот под лимит е до 7 милиони евра, а вторниот подлимит е до 4 милиони евра. Третиот сегмент е со подлимит до 8 милиони евра и е наменет за инвестициски кредит во вложувања наменети за заштита на животната средина за што оваа компанија особено е критикувана од стручната и од општата јавност во земјава од лани до сега.
Како обезбедување за новата кредитна линија од Стопанска банка Скопје „Макстил“ остава под недвижен и движен имот односно опрема. Прва на листата заложен имот е производната хала валавница со придружни објекти, потоа челичарницата со пропратни објекти, хала, управна зграда и скипер хала како и процесната опрема за производство на челик во челичарницата. На листата се и багери, ножици за сечење старо железо и камиони, но и опрема за валање топловалан лим, залихи на топловалан лим во количина од речиси 16.000 тони. На листата на заложен имот е и новата опрема за заштита на животна средина која треба да се набави со ова финансирање, пишува во информацијата што компанијата ја објави на Македонската берза за хартии од вредност.
Воедно како обезбедување на кредитната линија „Макстил“ се обврзува да издаде сопствени меници „без протест“ со клаузула за извршеност и тоа по една меница за секоја година од периодот на отплата. Воедно „Макстил“ пред банката ќе обезбеди и корпоративна гаранција од „Дуферко Интернејшенл трејдинг Ходлинг“ СА со која ќе се гарантираат обврските на Макстил по оваа кредитна линија.
„Макстил“ е една од најголемите домашни компании според обемот на производство и според извозната вредност на производите. „Макстил“ има 14,62 милиони акции со право на глас. Во акционерската структура доминира „Дуферко Скоп Инвестидед лимитид“ која поседува 62,4 отсто и „Минјорк Оверсис“ поседува 19,4 отсто од капиталот. Над 5.600 домашни физички лица поседуваат 16,5 отсто од акциите во „Макстил“. Според неревидираниот извештај доставен до берзата за првите шест месеци годинава „Макстил“ има вкупни приходи кои надминуваат 2,1 милијарди денари од кои приходи од продажба во странство се 1,79 милијарди денари. Оперативните расходи се 2,34 милијарди денари, а нето добивката на компанијата за првото полугодие изнесува помалку од 1 милион денари.
Р.Ф.
Слично
