Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стопанска банка АД Битола забележа профитабилен прв квартал, ова се резултатите

Стопанска банка АД Битола забележа профитабилен прв квартал, ова се резултатите

Стопанска банка а.д. Битола во периодот од 1.1. до 31.3.2017 година работеше во согласност со деловната политика, развојниот и финансискиот план, притоа приспособувајќи го своето работење на глобалните економски текови и условите на стопанисување во домашната економија.

Во овој период, Банката оствари позитивен финансиски резултат, односно добивка во износ од 10,36 милиони денари, што претставува значително подобрување во однос на остварувањето во првите три месеци од минатата година, кога финансискиот резултат беше негативен, односно загуба. Оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, исто така, бележи подобрување што се согледува преку финансискиот резултат пред исправка на вредност и загуба за оштетување, кој е позитивен во износ од 23,60 милиони денари и речиси двојно поголем од минатогодишното остварување.

На годишна основа, приходите од камати бележат раст од 6,97% во најголема мера како резултат на зголемено кредитирање на домаќинства, а во согласност со стратегиската определба на Банката за дисперзија на ризик.Паралелно со растот на вкупните депозити на Банката, расходите за камати бележат подинамичен раст, така што нето-приходите од камата се пониски за 4,16% на годишна основа.

Нето-приходите од провизии и надоместоци бележат благ пораст од 2,50% во однос на остварените во периодот 1.1 – 31.3.2016 година.  Овој раст главно е генериран од приходната компонента каде што е регистриран апсолутен годишен раст од 3,49 милиони денари споредено со растот од 2,91 милиони денари на расходната страна.

Нето-приходите од курсни разлики се пониски за 1,37 милиони денари споредено со минатогодишното остварување, додека останатите приходи од дејноста бележат позначаен раст од 16,81 милиони денари (вонредни приходи од продажба на нетековни средства наменети за продажба).

Исправката на вредноста на финансиските средства и загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа, се многу пониски споредено со минатата година, што укажува на подобрен квалитет на кредитното портфолио, како и намалено учество на преземениот имот во вкупната актива поради продажби и оштетување во согласност со важечката регулатива.

Трошоците за вработените се пониски за 9,29% во однос на периодот 1.1–31.3.2016 година, додека амортизацијата не бележи крупни промени. Останатите расходи од дејноста се повисоки за 5,63%, што главно е резултат на повисоки трошоци за одржување и унапредување на системите за работа и опремата.

Во согласност со деловната политика, развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде фокусирана на понатамошно подобрување на квалитетот на кредитното портфолио и вкупната актива преку засилени активности за наплата на нефункционални кредити, одобрување нови изложености со прифатливо ниво на ризик и продажба на преземениот имот. Планираното проширување на дистрибутивната мрежа, како и понудата на иновативни производи и услуги се очекуваат да дадат соодветен придонес кон зголемување на клиентската база и остварување на планираниот раст на депозитниот потенцијал. Врз основа на ваквите активности, динамиката на раст на приходните позиции би била поголема во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде услови за понатамошно подобрување на финансискиот резултат на Банката.

Слично

Поврзани вести