Стопанска банка а.д. Битола со добивка во првото полугодие
Наплата на кредитното портфолио, зајакнување на депозитното јадро и контрола на оперативните трошоци од работење беа во фоскусот на работењето на Стопанска банка а.д. Битола во првата половина од годината. Од банката соопштуваат дека на ваков начин директно дејствувале во насока на остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Банката за 2019-2023 година. Инаку во првото полугодие Стопанска банка а.д. Битола има позитивен финансиски резултат односно добивка во износ од 3,37 милиони денари. Добивката од работењето пред исправка на вредност на финансиските и нефинансиските средства која е показател за оперативното работење на Банката изнесува 48,53 милиони денари.
Нето-приходите од камати за периодот 1.1.-30.6.2019 година изнесуваат 152,02 милиони денари, што претставува остварување на планот за првиот квартал со 96,14 проценти. Засилените активности за наплата на кредитното портфолио, воведувањето на конкурентни депозитни производи, а со тоа и зголемениот обем на депозити, доведоа до намалување на нето-каматниот приход кој е понизок за 12,91 отсто во однос на остварувањето за истиот период од минатата година.
Нето-приходите од провизии и надоместоци заклучно со вториот квартал од 2019 година изнесуваат 52,19 милиони денари и се пониски за 11,67 проценти во однос на остварувањето од истиот период од минатата година. Планот на нето-приходи од провизии и надомести за анализираниот период е остварен со 101,13 проценти.
Нето-курсните разлики се пониски за 1,38 милиони денари споредено со вториот квартал од минатата година, додека планот е остварен со 104,77 проценти.
Останатите приходи од дејноста се пониски за 1,77 милиони денари, споредено со периодот 1.1.-30.6.2018 година, кога беа остварени поголеми вонредни приходи и капитални добивки од продажба на преземен имот.
Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа, е повисока во однос на вториот квартал од претходната година за 37,17 милиони денари, што се должи на проценките за квалитет на дел од кредитното портфолио како мерка на прудентно работење и претпазливост на Банката.
Во периодот 1.1.-30.6.2019 година Банката ги зајакна активностите за продажба на дел од преземениот имот со цел трансформација на некаматоносната актива во каматоносна што резултираше со одлободување на загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа во износ од 12,41 милиони денари.
Трошоците за вработените бележат раст од 1,25 отсто споредено со периодот 1.1 – 30.6.2018 година, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 100,19 проценто. Останатите расходи од дејноста пониски за 2,30 проценти што главно е резултат на резервирања за потенцијални обврски во претходната година што не е случај во тековната година. Планот за вториот квартал од тековната година е реализиран со 101,39 проценти.
Амортизацијата е зголемена за 24,01 отсто на годишна основа, додека реализацијата на планот изнесува 104,95 проценти
Во ова полугодие нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување, а во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2018 година на Стопанска банка а.д. Битола, банката не исплати дивиденда за 2018 година.
Недвижностите и опремата бележат зголемување од 1,93% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2018 година.
Ако се анализираат промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи), од банкатас оопштуваат дека обврските по кредити се намалени за 30,56% споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2018 година што се должи на враќање на средства по основ на кредитни линии со поголема динамика од користењето на средства по овој основ.
Во периодот што следува Банката очекува стабилно
макроекономско окружување, умерено забрзување на економскиот раст при очекувана
стапка на инфлација од околу 1,5 отсто.
„Банката и во престојниот период ќе ги преземе неопходните мерки и активности за реализирање на поставените стратешки и деловни цели од Деловната политика, развојниот и финансискиот план за периодот 2019-2023 година.
Воедно, Банката со своето работење во целост останува насочена кон задоволување на потребите на клиентите преку понуда на иновативни производи и услуги со фокус на понатамошна дигитализација во работењето, умерен раст на кредитната активност при истовремено интензивирање на активностите за наплата на нефункционални кредити, континуирано следење на редовното портфолио, продажба на остатокот од преземениот имот и одржување на оптимално ниво на депозитен потенцијал како од аспект на ликвидност, така и од аспект на профитабилност во работењето со што ќе се создадат неопходните предуслови за генерирање на позитивни финансиски резултати при прифатливо ниво на ризик, стои во образложението на финансискиот резултат за првите шест месеци од годинава кој Стопанска банка а.д. Битола го објави денеска
