Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стопанска банка а.д. Битола продолжува да ги зголемува приходите по основ на камати

Стопанска банка а.д. Битола продолжува да ги зголемува приходите по основ на камати
Стопанска банка а.д. Битола во периодот 01.01-31.03.2014 година, оствари зголемување од 18,94% на нето приходите од камати при што приходите од камати се зголемени за 9,37% на годишна основа, додека расходите за камати се пониски за 2,37%, соопшти банката. Еве што се вели во образложението на билансот на успех: „Ваквото остварување пред се е резултат на зголеменото бруто кредитно портфолио и подобрената квалитативна структура на истото следствено на наплатата на дел од нефункционалните кредити. Зголемениот обем на кредитни работи и работи во платниот промет, како и доброто управување со трошоците, позитивно се одразија врз нето приходите од провизии и надоместоци така што истите се зголемени за 28,92% споредно со првиот квартал од претходната година. Останатите приходи од дејноста се скоро шест пати повисоки од остварените во првиот квартал од 2013 година што главно се должи на капитални добивки од продажба на дел од преземениот имот. Но и покрај позитивниот развој на настаните , остварениот финансиски резултат на банката е негативен и истиот е за 64 милиони денари послаб од оној остварен во истиот период од минатата година. Ваквиот резултат се должи на издвоена загуба поради оштетување на нефинансиските средства согласно Одлуката од НБРМ за сметководствениот и регулаторниот третман на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања, како и помалиот износ на ослободена исправка на вредност на финансиските средства на нето основа. Во контекст на контролата и доброто управување со трошоците, значајно е да се истакне дека и покрај зголемениот број на вработени, трошоците за вработените го задржаа истото ниво како и во првиот квартал од претходната година. Амортизацијата и останатите расходи од дејноста, на годишна основа, се зголемени за 18,86% и 33,01%, соодветно. Во контекст на подобрувањето на финансиските резултати, Банката ќе продолжи со преземање на соодветни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити, продажба на преземениот имот и контрола на трошоците. Банката и во идниот период ќе  настојува да го одржи трендот на раст на нето приходите од камати и провизии со што би се создале услови за подобрување на финансискиот резултат и покрај неповолната економска состојба во земјата и светот како последица на светската финансиска криза“, велат од Стопанска банка Битола.
Слично

Поврзани вести