СТОЛЕ НАУМОВ: Истерување на ѓаволот!
Прашавме дел од македонските новинари што очекуваат во наредниот период во однос на политичката криза и начините за справување со неа. Како и се во општеството и ставовите меѓу јавните личчности се поларизирани, но секако оригинални. Фактор не секогаш се согласува со мислењата објавени на отворените страници, но правиме се тие да бидат што подостапни за македонската јавност.
Столе Наумов, новинар:
Песимист и оптимист: Песимист е човек што премногу знае, а оптимистот, блазе нему, недоволно информиран, неосознаен и неупатен во тешките состојби и лошите перспективи.
Вообичаено новинарите имаат премногу информации. Неретко и непотребни, одвишни кои ја замаглуваат сликата, наместо да ја разбистрат...Оттука сизифовска работа е од внатрешна перспектива во Македонија прецизно да се прогнозира што се ќе се случува, не во наредните осум месеци, туку во наредните неколку денови. Најдобри прогнозери секако се странците, затоа што тие не се бават со прогнози и пополнување на тикети. Тие ги знаат однапред резултатите кои сами ги напишале. И така ќе биде.
Или да се надеваме дека така ќе биде. Наспроти богатството со детаљи за табиетите и багажот на главните политички играчи, сепак да бидеме оптимисти. Не да прогледаме со розовите очила на владините медиумски усти, туку да поверуваме во добрите намери на странците. А тие не се никакви светски филантропи...Не. Себични се и добронамерни кон себе, своите кариери и интереси... Договорот од Пржино можеше да пропадне многу лесно. Но Хан, Нуланд и сите околу нив ќе беа предмет на мајтап по бриселските и вашингтонските кулоари ако не ги скротеа македонските замислени јавачи на апокалипсата, длабоко во ноќта.
Вонредни избори: Парламентарни избори догодина ќе има сигурно .Сосема неважно е дали во април или некој месец подоцна. Ќе има заради странците и нивниот засилен мониторинг и менторство. Од резултатите ниедна партија нема да биде задоволна. Ама ќе бидат ќефлии граѓаните. Во наредниот период власта ќе продолжи да паѓа, опозицијата ќе расте ама не толку многу и брзо како што нестрпливо наговестуваа бомбите... Ќе настрадаат многу луѓе. Некој ќе се спаси, но стратешки и привремено, додека да се призавршат крупните работи во државата и регионот.
Многу скоро ќе имаме и вонредни избори на вонредните избори, Можеби заедно со локалните избори во 2017 година. Дишењето во врат, своевидниот мек протекторат на Европа и Америка ќе продолжи и понатаму...
Старо купувам, ново продавам: Укинување на екстерното и матура, возење во рикверц без раце, возење без пари за верските празници со двокатните автобуси, просечна загарантирана плата од 500 евра, дозволено пушење во кафеаните и сите други јавни и приватни места, владини седници и извршни одбори и комитети на ливада, пред селската чешма-меѓу народот и директен пренос на собранискиот и другите тв канали, земи им ги парите на богатите, дај ги на сиромасите...
Ништо не смее да не изненади...Политиката е продажба на производи и ветувања како и секој друг бизнис...
Лустрација: По Рамковниот договор кој ја спаси Македонија од поделба и распад, Пржино треба да ја внесе во Нато и ЕУ... Специјалниот бвинител, кој и да е, засилен од еден Европеец и Американец, ќе предизвика тектонски промени. Промени од кои ќе настрадаaт не само луѓе од власта и опозицијата-луѓе од политиката, туку и бизнисмени, полицајци, судии, обвинители, лекари, службеници, новинари, спортисти, глумци, пејачи...Којзнае што се има во папките и фајловите на Заев. Ако он, или тие што му ги дале материјалите биле селективни , „оние“ што прислушувале, а и специјалниот обвинител сигурно нема да бидат селективни...Значи не очекува една нова сеопшта лустрација, но овојпат се надевам праведна и прочистувачка...Ете нека биде тоа првото и последно истерување на ѓаволот од Македонија.
Сакам да сум оптимист.. Макар и идеалист....
Радио-Што е разлика меѓу слушање радио и прислушување...Кај радиото еден зборува сите слушат..Кај прислушувањето сите зборат само еден слуша…
Слично
