Стојков: Заминува рамниот данок, пристигнува нордискиот данок
Мал дел од популацијата ќе биде засегнат од маргиналната даночна стапка од 18 проценти. Предноста на ваквото решение е во неговата политичка изводливост. Најмногу погодени од реформата ќе бидат високоплатените поединци, кои непосредно пред новата календарска година ќе мора да прават нови калкулации на трошоците, вели во својот став за Фактор, професорот од Правен факултет Александар Стојков. Мислењето го дели во неколку пункта. вели дека е можно граѓаните да смислуваат начини како да ги намалат даночните обврски.
Нордиски данок. Министерството за финансии предложи нордиски модел на двоен данок на персоналниот доход, кој првпат беше воведен во Данска, Финска, Норвешка и Шведска во периодот од 1987 до 1993 година. Со најавената даночна реформа се напушта 25-годишната традиција на интегрален (синтетички или сеопфатен) персонален данок на доход, според која сите видови доход имаат еднаков даночен третман. Сега, нордискиот данок воведува различни даночни стапки за доходот од труд за плата, пензија и друго и за доходот од капитал (дивиденди, капитални добивки, камати, закупнини и др.). Намерата е доходот од труд да се оданочува со 10% и 18%, а доходот од капитал со 15%.
Праведност. Прагот за повисоката стапка од 18% за данокот од труд (работа) е поставен на ниво од 1.080.000 денари годишно, или просечно, 90.000 денари месечно. Прагот е поставен високо за да „погоди“ мал сегмент од електоратот и да ги минимизира политичките загуби. На пример, во даночниот модел на Република Србија даночниот праг за повисоката стапка е шест просечни годишни плати. Декларативно, се исполнува ветувањето за враќање на системот на прогресивно оданочување. Фактички, мал сегмент од популацијата ќе биде засегнат од маргиналната даночна стапка од 18 %. Предноста на ваквото решение е во неговата политичка изводливост. Најмногу погодени од реформата ќе бидат високоплатените поединци, кои непосредно пред новата календарска година ќе мора да прават нови калкулации на трошоците. Личното ослободување од данокот е подигнато на 96.000 денари годишно, што е оправдана мерка и за која може да се соберат симпатии. Сегашниот даночен модел ќе прави мала и симболична прераспределба на доходот, бидејќи очекуваните нови буџетски приходи се сепак мали на макроекономско ниво.
Буџетски приходи. Во текот на 2019 година, многу веројатно, ќе има зголемена наплата на приходите од персоналниот данок на доход, и во апсолутен износ и како процент од номиналниот бруто домашен производ. Проценките на Министерството за финансии се дека новите приходи од оваа реформа ќе бидат најмалку 25 милиони евра или 0,25% од БДП. Истовремено, ќе се размислува за сите можни модалитети на даночната евазија. Наместо креативноста да се насочи во сферата на производството на добра и услуги, сега граѓаните ќе ја употребуваат својата иновативност за минимизирање на даночните обврски кон Управата за јавни приходи.
Администрирање. Многу граѓани не се запознаени со сите обврски околу начинот на аконтативно пријавување на доходот. Оние кои ќе бидат засегнати од даночната реформа ќе имаат многу обврски околу месечното пријавување на персоналниот данок на доход. Потребна е една пријава (пресметка) на приходите од капитал според даночната стапка од 15%, а друга пријава за приходите од труд според прогресивната скала 10%-18%. Дефинитивно, сметководителите и даночните консуланти ќе добијат нови клиенти, бидејќи аконтативните пресметки на нордискиот данок бараат континуиран ангажман и калкулатор при рака.
Изгубени користи од рамниот данок. Покрај едноставноста, рамниот данок од 10% им даваше еднаков даночен третман на фирмите и на граѓаните при остварувањето на нивната економска (стопанска) дејност. Нордискиот данок ги напушта и принципот на рамноправност меѓу фирмите и граѓаните, но и принципот на едноставност.
Сумарна оценка. Предложениот нордиски данок ќе бара голем напор од засегнатите даночни обврзници, бидејќи значително го усложнува администрирањето на персоналниот данок на доход. Ново очекуваните буџетски приходи од оваа реформа и не се големи, ако се земат како процент од бруто домашниот производ (околу 0,25% од БДП). Веројатно, идејата е прво да се воведе прогресивниот данок, а потоа да се усовршува системот на оданочување. Во секој случај, времето за подготовки е премногу кратко.
А.Т.