Стојановски: Државата ќе купи софтвер за објавување на цените во маркетите
Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „КликПлус“ на ТВ21 претпладнето призна дека сегашниот начин на јавно објавување на цените на веб-страниците на трговските синџири во земјата не ги дал посакуваните ефекти во обидот да се засили нивната меѓусебна конкуренција и да поевтинат производите во малопродажбата.
Тој рече дека државата ќе го промени правилникот за начинот на објавување на цените на стоките, согласно измените во Законот за потрошувачи,и дека државата ќе го плати софтверот кој ќе ги обработува податоците.
- Видовте какво изигрување имаше од најсериозните маркети во државата кога ви постираат ексел табели за нешто што треба да биде, пред се, за нивните лојални клиенти. Затоа ќе го смениме правилникот и практично ќе им нацртаме како треба да изгледаат тие веб-страни и самата држава ќе финансира софтвер каде што тие маркети ќе бидат обврзани по одреден програмски универзален јазик да ги внесуваат параметрите, државата и тој софтвер да ги генерираат и да направиме еден простор каде што граѓаните со еден клик ќе можат да видат по единица на производ, односно по одреден артикл, каде има најниска цена, рече Стојановски.
