Стигнува експертската помош од странство за домашниот бизнис
Првите 15 странски експерти кои треба со искуството да им помогнат во работата на македонските компании ќе започнат да пристигнуваат деновиве, најави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
„Во однос на индустријата каде што ќе доаѓаат, најголем број на експерти ќе дојдат во домашните компании од преработувачка индустрија, но и во компании од информатичка дејност, и од туризмот, образованието, земјоделската дејност и други дејности. Во однос на големината на компаниите и бројот на вработени имаме покриеност на различен обем на компании, односно експертите ќе работат во компании кои имаат до 50 вработени, компании од 50 до 100 вработени, експерти во компании со 100 до 200 вработени, но и во компании со над 200 вработени“, вели Ѓорѓиев.
Компаниите ќе треба да го покријат само сместувањето на експертот, додека другите трошоци, дневници за надомест за неговата работа, превоз на експертот и слично, се сервисираат во соработка на Владата и меѓународните организации.
„По завршувањето на оваа прва група, динамиката предвидува во следните месеци, на секои 45 до 60 денa да доаѓаат нови групи од по 15 експерти кои ќе придонесуваат за домашните компании, при што се очекува покрај експерти од Холандија и Германија листата да се прошири и со експерти кои ќе бидат обезбедувани во соработка со други развиени земји или пак во рамките на соработката со мултилатералните економски организации“, додава владиниот портпарол.
Проектот за ангажирање странски експерти за потребите на домашните компании го иницираше Владата, а вкупно 105 македонски фирми покажале интерес за експертска помош од странство.
Слично
