Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стигнаа ли Србите на прослава во Ѓаковица?

Стигнаа ли Србите на прослава во Ѓаковица?

Србите кои се иселени од Ѓаковица на Косово,  иако денеска најавија дека ќе го чествуваат празникот Успение на Пресвета Богородица во тамошниот манастир, се откажаа од намерата по големиот протест на локалните Албанци.

Претседателот на Здружението на иселени Срби од Ѓаковица, Ѓокица Станојевиќ за Радио телевизија Србија (РТС) изјави дека се откажале од посетата на тамошниот манастир затоа што не сакаат да влезат во „круг на омраза и тензии“.

„Не сакаме инциденти. Овој пат не се понижени Србите, понижени се меѓународните институции, институциите во Приштина, невладините организации, кои не се способни ниту по 20 години да им обезбедат на Србите во Ѓаковица мирно, достоинствено, да ги одбележат своите празници, крштевките, Божик, Велигден“- вели Станојевиќ.

Локалните жители протестираа со паролите „Нема мир без правда“ и „Крвта на албанските деца убиени од Србите не се простува“.

Здружението „Повик на мајките“ од Ѓаковица, кое се приклучи на протестот, во отворено писмо побара од косовскиот претседател, Хашим Тачи да го забрани доаѓањето на срспките верници.

Основачката на Фондот за хуманитарно право од Белград, Наташа Кандиќ исто така му се обрати на Тачи со отворено писмо, во кое го повика да им овозможи на Србите од Ѓаковица да го посетат манастирот.

Во одговорот што го објави на Фејсбук, Тачи напиша дека „во денешно време е непојмливо и неприфатливо некој да ги крши основните права и да не им дозволува на српските граѓани да ги посетуваат верските објекти, било во Ѓаковица, или каде и да е друго во Косово“. 

Тој вети дека ќе го употреби сиот свој авторитет за да им овозможи на српските аџии, кои лани беа спречени во нивната намера, годинава да го посетат манастирот во Ѓаковица. 

На 6 ноември во Патријаршијата во Белград ќе се одржи вонредна седница на Светиот архиерејски Собор на Српската православна црква (СПЦ), на кој една од темите ќе биде состојбата во Косово и изнаоѓањето на компромисно решение по ова прашање.

Според белградскиот весник „Новости“ одлуката за одржувањето на Саборот донесена е на редовното пролетно заседание на ова највисоко тело на СПЦ.

Слично

Поврзани вести