Стефановиќ за Косово: Имаме право да се распоредиме на наша територија, никој нема да ни каже што да правиме
Српската војска не влезе никаде каде што не треба, вели српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ.
Рече дека војската по наредба на српскиот претседател Александар Вучиќ, го подигнала нивото на борбена готовност во целата копнена зона на безбедноста долж административната линија со Косово „но дека не влегла никаде каде што не треба”, јави допсиникот на МИА од Белград. Стефановиќ за ТВ Пинк изјави дека војската е „подготвена да го брани својот народ“ и дека подигнувањето на борбената готовност и нејзиното присуство на административната линија со Косово е „првенствено превентивен механизам“.
„Имаме право да се распоредиме на наша територија, никој нема да ни каже што да правиме, тоа е нашата суверена одлука. Ние не кршиме ниту еден меѓународен договор“, изјави Стефановиќ.
Тој изјави дека подигнувањето на борбената готовност во целата копнена зона на безбедност дава ефекти и ги охрабри граѓаните дека нема да се дозволи „никој да ги убие“, но и дека тоа покажува дека Србија е доволно воздржана и нема да прави инциденти.
Европската Комисија потврди дека утре ќе се одржи рунда преговори помеѓу Косово и Србија во Брисел. И Русија е загрижена за односите меѓу Србија и Косово. Регистарските таблички ги вжештија односите меѓу двете земји.