Стефанова: Новите комуникациски трендови ја менуваат рекламната индустрија
До скоро, традиционалните медиуми, како телевизијата, радиото, печатените медиуми и билбордите беа основните комуникациски канали преку кои брендовите доаѓаа до својата публика. Денес, со развојот на интернетот, бројот на канали за комуникација и можностите се зголемува од ден на ден, вели Елена Стефанова, потпретседател на Македонската асоцијација на агенции за маркетинг (МААМ). Со Стефанова разговараме во пресрет на Конференцијата „Нови комуникациски трендови - инфлуенсер маркетинг“ која ја организира МААМ, во петок во Скопје.
Стефанова во подем е
развојот на новите комуникациски трендови кои се дел од маркетинг и ПР
индустријата. За што всушност станува збор?
Стефанова: Живееме во ера на информациско телекомуникациска револуција. Самите промени во овие области носат и промени во комуникациите, кои се всушност основата на работењето на рекламните агенции. До скоро, традиционалните медиуми, како телевизијата, радиото, печатените медиуми и билбордите беа основните комуникациски канали преку кои брендовите доаѓаа до својата публика. Денес, со развојот на интернетот, бројот на канали за комуникација и можностите се зголемува од ден на ден.
Брендовите веќе имаат сопствени медиуми, веб страна или фан страна на социјалните медиуми, кои можат дневно да ги ажурираат и менуваат. Содржината на овие медиуми е од извонредна важност. Колку е содржината поинтересна за целната група, толку се зголемува и посетеноста. Од друга страна, со развојот на вештачката интелигенција, на овие сопствени медиуми, се отвора можност за 24 часовен сервис. Целната група денес добива двонасочна комуникација во било кое време, од било кое место.
Преку социјалните медиуми, брендовите можат да комуницираат со точно определна целна група. Бидејќи комуникацијата е двонасочна, целната група исто така може да го каже своето мислење, со што лесно се дознава што е важно и интересно за истата и се креираат производи и услуги, како и комуникација соодветна за таа група.
Се повеќе се зборува за инфлуенсер маркетинг. Каков е тој и какви придобивки има?
Стефанова: Вистинското искуство влева доверба на оној кој го слуша или гледа. Доколку некој што изградил доверба меѓу потрошувачите даде коментар за некој бренд или услуга, слушателот ќе го прифати тој коментар како совет. Ова е вистинското игралиште за инфлуенсерите.

Дали македонските компании и агенции се подготвени да одговарат на новите маркетинг трендови и колку ги применуваат?
Стефанова: Македонските компании воглавно ги следат овие трендови и иако ги немаат истите можности како развиените пазари, сепак одлично се прилагодуваат. Меѓутоа, како што и претходно напоменав, ова е материја која многу брзо се менува а воедно реакциите се очекуваат веднаш.
Во Скопје во петок се одржува конференција на која ќе се споделат искуства токму за новите трендови и инфлуенсер маркетингот. Која е идејата?
Стефанова: Во петок се одржува конференција под наслов „Нови комуникациски трендови - инфлуенсер маркетинг“ во организација на Македонската асоцијација на агенции за маркетинг, МААМ, (www.maam.mk) во која членуваат 14 агенции, лидери во комуникациската индустрија во земјава.
Оваа организација се залага за развивање и унапредување на професијата, заштита на интегритетот и угледот на струката како и заштита на професионалните интереси.
Членките на МААМ се сложија дека конференција од овој тип би била интересна за сите оние кои се дел од маркетинг и ПР индустријата во земјава. Земајќи предвид дека организаторите имаат огромно искуство во комуникациската индустрија, нивниот избор на гости и теми ќе ги задоволат и најпребирливите слушатели.
Трошоците за конференцијата во најголем дел ги покрива МААМ како и едни од најголемите огласувачи во земјава - Бимилк и ВИП.

Што ќе може да се слушне и кои ќе бидат говорници?
Стефанова: Воглавно, учесниците ќе говорат за сопствените искуства со новите комуникациски трендови и за предизвиците со кои се соочуваат. Од Адриатик регионот ќе учествуваат истакнати професионалци како што се Срѓан Ерцег од Huge Media од Србија и ТВ коментатор во Спорт Клуб, Домен Маврич и Алеш Грахек од Avi Словенија, Љубица Вукчевиќ од DM и Данка Трбојевиќ од Drive од Србија. Што се однесува до македонските говорници, во склоп на панел ќе дискутираат Коста Петров, претприемач, ПР експерт и писател, Зоран Спасов – Ѕоф од Klip Media Group; Игор Трајковски од Time.mk и Сергеј Варошлија, ТВ лице.
Кој може да учествува на конференцијата и како?
Стефанова: Секој заинтересиран за оваа тематика може да учествува на конференцијата. Картите се достапни на kupikartizase.com по цена од 1.500 денари.
А.Т.
