Стефан Василевски: Датумот за студентски избори не ми е важен, јас сум сигурен кандидат!
“Секоја организација си има право на свој став и мислење и не би сакал да се мешам во креирањето на нивните политики бидејќи тоа си е целосно нивно право. Мене не ме интересира кога би се оддржале изборите бидејќи јас секако ќе бидам кандидат за нов студентски лидер” -вели за Фактор Стефан Василевски кој е еден од двајцата кандидати за претседател на Студентскиот парламент на УКИМ. Тој не сака да ја коментира најавата на Студентскиот пленум за бојкот на изборите на 30 јуни поради како што велат нетранспарентниот и нелегитимен начин на кој се води целиот процес. Василевски вели ќе се фокусира на подобрување на квалитетот на студентскиот живот и високото образование.
Тој е студент на Медицинскиот факултет и потпретседател за финансии во Интернационалната федерација на Медицински студентски асоцијации. Во неговата изборна програма најавува нова веб-страна на организацијата СПУКМ која вели е неопходна за една ваква организација, потоа комплетно рестартирање на сите функционални единици пред се поголема активност и учество во дневно-студентските прашања, проблеми, активности.
“Како личност со можеби најголемо меѓународно па и домашно искуство во Република Македонија кога станува збор за студентско организирање, за поттик на студентска инволвираност во креирањето на младински политики, со голем број на студентско-младински настани организирани од моја страна како и од тимот од Медицинскиот Факултет-Скопје, а несомнено и мојата моментална позиција, потпретседател на најголемата во Свет федерација за медицински асоцијации, Интернационалната Федерација на Медицински Студентски Асоцијации ( www.ifmsa.org ) кадешто претставувам повеќе од 1,5 милиони млади студенти и млади доктори по медицински науки, ми дава огромен мотив но и ентузијазам да со своите квалитети и искуство пред се, да допринесам кон својата родна земја и кон студентите од Република Македонија во креирање на подобар и поквалитетен студентски стандард”- вели Василевски.
Студентската организација според него бара сериозен и темелен пристап во активна борба за подобро и поквалитетно високо образование, мотивирање и стимулација на научно-истражувачка работа кај студентите, поголема екстерна репрезентација низ светски организации, поголема информираност на студентите за можностите кои ги нудат програми како ЕРАЗМУС + и разни други организации. Во програмата најавува изградба на нови спортски објекти и едукативни центри вклучувајќи и нови студентски домови и максимална посветеност за реновирање и подобрување на условите. Новиот студентски лидер вели ќе има тежок мандат особено на почетокот. Довербата во студентските парламенти вели е разнишана и таа мора да се бара во враќање на вредностите и квалитетот во студентското делување.
“Зошто го велам ова? Бидејќи мораме да се соочиме со реалноста дека довербата во студентските парламенти помеѓу студентите е на едно ниско ниво (не би сакал да навлегувам во причините зашто е така), и секако со самото тоа и довербата во новите кандидати за претседател на СПУКМ. Но, јас сум таква личност што не се плаши од предизвици, напротив, големите предизвици ми создаваат едно чувство на енергија и ентузијазам доволен за да се покаже дека ниту еден предизвик не е недостижен доколку се сака да се постигне и доколку залагањата се искрени и добронамерни”- додава Василевски.
Студентот по медицина ја има подршката од шест матични студентски парламенти. Кампањата според најавите ќе трае до 28.06.2016, a на 29.06.2016 ќе биде изборниот молк. Изборите за нов Претседател на Студентски Парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје треба да се оддржат на 30.06.2016, а гласањето е предвидено да трае од 09:00 до 16:00 часот на 23 факултети на УКИМ.
