Се продава мнозинскиот пакет акции на ФЗЦ Куманово!
Последната пазарна цена на таа акција е 312 денари, а компанијата во континуитет бележи загуби во работењето
Стечајниот управник на „Експорт-импорт банка“ го понуди на продажба мнозинскиот пакет акции во кумановската фабрика за цевки ФЗЦ „11 Октомври“. Акциите се нудат со почетна цена од 51,13 евра, а ќе се продават на јавно наддавање што ќе го организира стечајниот управник Ацо Дамчевски на 8 декември годинава, пишува во објавата во денешните дневни весници.
Банката која е во стечај, а е сопственик на 50,62 отсто од сите акции со право на глас, нуди на продажба пакет од 234.158 акции со право на глас. Доколку има само една понуда и таа биде прифатена по почетната цена од огласот новиот сопственик ќе треба да одвои 11,97 милиони евра за да стане доминантен сопственик на таа кумановска компанија. Освен тие пари, новиот сопственик ќе мора да даде јавна понуда, согласно со Законот за превземање компании, за сите други акционери кои имаат акции, а би сакале да ги продадат по цената што е постигната на јавното наддавање. Значи дека ако биде успешно јавното наддавање купувачот на акциите ќе може да стане сопственик на ФЗЦ Куманово откако ќе ги купи другите 228.462 акции со право на глас за кои, во најевтина варијанта ако е успешно наддавањето, ќе треба да плати уште 11,68 милиони евра. Дали има некој инвеститор подготвен сега да ја плати цената за превземање на таа компанија останува да видиме. Како и да е согласно со нашата законска регулатива, што ја регулира оваа област, сите потенцијални кандидати за купување на ФЗЦ „11 Октомври“ ќе треба да објават дека се заинтересирани за превземање на таа компанија.
ФЗЦ „ 11 Октомври“ е производител на цевки, шупливи (издлабени) профили и слични производи од челик. Компанијата е без доминантен сопственик подолго од десет години откако падна во стечај банката што ги поседуваше мнозинскиот пакет акции. Според последните официјални податоци што може да се најдат на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност во првите шест месеци годинава компанијата бележи загуба од 2 милиони евра, а лани во истиот период загубата на полугодие била 1,58 милиони евра. Приходите од продажба за првите шест месеци се 229,4 милиони денари и во споредба со истиот период лани се намалени за 222,6 милиони денари. Последната пазарна цена на таа акција изнесува 312 денари што е десетпати пониска цена таа што ќе биде почетна цена на претстојната аукција.
Р.Ф.
Слично
