Стечајците со лична карта ќе се пријавуваат за паричен надоместок
Со лична карта да се пријават во Агенцијата за вработување - ова е процедурата по која стечајците можат да го искористат правото на месечен материјален надоместок во висина од 7.100 денари.
Од денеска стапува на сила Законот за материјално обезбедување на невработените лица по основ на стечај. Стечајците кои што се опфатени со новиот Закон од денеска ќе треба да почнат да поднесуваат барања за државен паричен надоместок. Надлежните се категорични дека рокот трае 30 дена, а сите што нема да го испочитуваат ќе го изгубат ова право.
„За да го остварат ова право граѓаните треба да се од фирми со доминантна државна сопственост каде што им престанал работниот однос, да имаат најмалку 25 години работен стаж на денот на престанокот на овие фирми утврден во М4 образецот на ФПИОМ и меѓувреме од престанокот во овие фирми до денот на поднесување на барањето да немаат престанок на работен однос кај друг работодавач по нивна волја и вина“, објаснува директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски.
За да го оствари правото на паричен надоместок, невработеното лице мора да ги исполнува сите овие услови. При поднесување на барањето невработеното лице доволно е да приложи важечка лична карта на увид, за докажување на идентитетот, а сите други потребни документи и докази Агенцијата ќе ги прибави по службена должност.
Правото на паричниот надоместок согласно овој закон, се остварува до ново вработување или пензионирање на лицето, односно до настапувањето на некои од основите за престанок на правото на паричен надоместок утврдени со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.
Слично
