Стечајците се судрија со полицијата на протестите – двајца приведени
Полицијата приведе, па пушти двајца учесници на протестите на стечајците пред Владата, откако една група се обиде да го пробие полицискиот кордон. Револтираните стечајни работници се обидоа да влезат во владината зграда, назадоволни затоа што не се опфатени ниту со новото законско решение за надомест до пензионирање.
Неколку стотини стечајци, поддржани од невладините „Солидарност“, „Ленка“ и Хелсиншки комитет за човекови права, излегоа на протест денеска најпрвин пред зградата на Сојузот на синдикати на Македонија, а потоа се упатија кон Собранието и Владата.
Стечајците го обвинуваат претседателот на Сојузот на синдикатите Живко Митревски дека ги продал интересите на работниците на сметка на неговите лични интереси.
Од Владата пак бараат со закон да се реши статусот и на стечајните работници од претпријатијата кои веќе не се во државна сопственост, туку претходно биле трансформирани во акционерски друштва.
„Од денеска ова е предупредувачки штрајк, на нареден нека му мислат! Или ум нека им дојде или ќе ја гледаат и Украина, и Босна, и Црна Гора и Хрватска и се по ред а може да биде и полошо,“ вели претседателката на здружението на стечајците од Куманово УНИТ, Лилјана Георгиевска.За време на протестот, Сојузот на синдикати се огласи со соопштение во кое стои дека ССМ континуирано се бори за решавање на статусот на стечајните работници.
Слично
