Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стечајците поделени и по новата владина мерка

Стечајците поделени и по новата владина мерка
Стечајните работници кои беа згрижени со Законот за материјално обезбедување од 2008 година се задоволни од најновата владина одлука за продолжување на рокот на законот до 31 декември 2013 година. Според Стојан Стојанов од Здружението на стечајни работници, со најновата владина одлука конечно ќе се реши статусот и на оние стечајци кои не беа опфатени со законот од 2008 година. „Со доста разговори и преговори, Владата прифати овие луѓе со над 25 години работен стаж да бидат згрижени и конечно да се реши нивната агонија“, изјави Стојанов по денешната средба со министерот за труд и социјална политика Диме Спасов. Сепак, претседателката на Здружението на стечајци Унит од Куманово Лилјана Ѓеоргиевска во изјава за локални портали од Куманово смета дека станува збор за чиста поделба на стечајците и за уште еден трик на Груевски. „Воопшто не е точно дека сега ќе бидат обештетени сите три илјади стечајци“, уверена е Ѓеоргиевска. И според опозицијата најавата за решавање на прашањето на стечајците е предизборен маркетинг и додворување на најзагрозената категорија население. Пратеникот Маријанчо Николов од СДСМ нагласи дека заедно со пратеничката група на СДСМ пет пати во Собранието предлага Закон за решавање на проблемот со стечајците. „Зошто сега кога треба да има избори премиерот се сети на стечајните работници? Останува нејасно зошто по пет години одлагање на решавањето на прашањето, премиерот сега се сети на стечајците, откако потроши пет години на градење на споменици, на жални врби“ - рече Николов. Груевски и денеска повтори дека одлуката за надомест за стечајците Владата ја донела иако таа не била дел од нејзините предизборни ветувања. Тој вчера најави дека ќе се направат законски измени за материјално обезбедување на лицата кои останале невработени или технолошки вишок и по 2004 година. Тие ќе добиваат по 7.100 денари месечно или 34 проценти од просечната плата исплатена минатата година плус здравствено осигурување.  Средствата во висина од околу четири милиони евра ќе се обезбедат од државниот Буџет.
Слично

Поврзани вести