Стечајците не се видоа со синдикалниот лидер Митревски
Стечајните работници не успеаја во намерата да се сретна со лидерот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Живко Митревски. Стечајците својот протест денеска во Скопје го започнаа пред зградата на ССМ со барање за средба со Митревски.
Но, од вработените во синдикалната организација им било кажано дека зградата има проблем со канализацијата, а Митревски не е во својата канцеларија.
Според претседателката на Здружението на стечајци УНИТ Лилјана Георгиевска, ваквото образложение е само изговор, затоа што го виделе автомобилот на првиот синдикалец Митревски паркиран пред зградата.
„Со полно право ние бараме да заврши оваа делба на стечајците. На почеток бевме околу 10.000 стечајци, сега сме 6.000. Многу стечајци починаа чекајќи решение на нивната голгота“, рече Георгиевска.
Стечајците својот протест ќе го продолжат и пред Владата. Тие бараат сите да бидат опфатени со законското решение со кое се предвидува обесштетување на оваа категорија граѓани.
Слично
