СТЕ КУПИЛЕ НОВ ДОМ И ВИ ТРЕБА ТРАНСПОРТ НА МЕБЕЛОТ: Koлку пари ќе ве чини оваа услуга?
Превозниците кои носат мебел од една до друга локација, цените ги дефинираат зависно од километрите, од тоа колку време ќе се задржат или што треба да се превезе. Во Скопје услугата чини малку поскапо за разлика од внатрешноста. Во главниот град за превоз на мебел од една до друга локација, најчесто бараат по 1.500 денари, плус треба да се платат и работници кои би го симнале мебелот и би го товариле во комбе. Сепак, превозниците велат дека и за оваа работа луѓето се ценкаат за да издејствуваат поповолно да завршат работа.
„Не може да се живее само од таа дејност, ова е дополнителна работа за мене. Имам едно возило, тоа бара поправки, и ако сум правел ремонт, сметајте дека сега три месеци ми требаат да си ги повратам парите кои сум ги дал. Со ново возило, под просечна плата би била заработката на месечно ниво. Ако има доволно работа, да има секој ден превоз на мебел, тогаш би земал повеќе од една просечна плата. Се ценкаат луѓето, сакаат поевтино да биде. Ова го работат и фирми и поединци. Фирмите имаат повеќе работа. Тие се поорганизирани, полесно доаѓаат до ангажман. Многу ретко се случува од Скопје некој да се сели во друг град. Носат стар мебел од град во село или од Скопје во Охрид, затоа што има луѓе кои таму поседуваат станови. Има и случаеви кога превозот е поскап од мебелот и не се исплати да го транспортираат. До Охрид превозот чини 9.000 или 10.000 денари, а доколку се работи за стари кревети, не се исплати да ги носат. Во Скопје цената е 1.500 денари. Сега со „Безбеден град“ од Лисиче до Ѓорче Петров ќе ми требаат 45 минути и не може да се направат повеќе од две тури во денот. Зимно време има помалку работа, а во пролет и лето има најмногу“, вели скопјанец.
Во оваа работа има голема конкуренција, како што објаснува нашиот соговорник. Овие луѓе муштерии наоѓаат преку интернет, преку препораки или чекаат на локации низ Скопје.
„Тешко е по скали во згради да се симне мебелот. Кога бев помлад за повеќе пари сум носел мебел, не само што сум возел и повеќе земав како работник отколку како превозник. Да се симне мебел од куќа е полесно отколку од стан. Има и специфични работи, има пијано на пример, машини кои треба да се кренат. Има искусни работници, кои знаат како да се изнесе тој мебел, си имаат ремени, работат повеќе луѓе. Има луѓе кои купиле некое комбе, камионче и тоа им е инвестиција, да можат да заработуваат плус пари“, додава скопјанецот.
Охриѓанец кој се занимава со истата работа вели дека 1.200 денари е транспорот од една до друга локација во Охрид. За кревање на мебелот потребни се работници кои плус ќе треба да се платат. Од Охрид до Струга, превозот на мебел најчесто чини 2.000 денари, но зависи и колку време ќе се задржат.
„Во Охрид послабо има работа, во Скопје сигурно е пораздвижено. Луѓето носат мебел од Охрид во Скопје и обратно, а до соседните градови поретко има работа“, додава охриѓанецот.
Велешанец кој врши превоз со комбе вели дека од една до друга локација во градот за пренос на мебел наплаќа од 800 до 1.000 денари, а до околните села, цената е 1.500 денари. Во градот, за населбите како Којник кои се со понепогоден терен, цената е 1.000 денари. Додава дека повремено носи мебел и во Скопје и во Штип.
Сања Атанасовска