Ставрески: Без енергетски проекти не може да се оствари повисок економски развој
Вицепремиерот Зоран Ставрески денеска изјави дека вклучувањето на Македонија во проектот Јужен тек со потпишувањето на меѓудржавниот Договор во Москва во вторникот ќе ја забрза гасификацијата на земјава.
„Во Договорот за вклучување во Јужен тек се предвидува Газпром и македонската државна компанија Македонски енергетски ресурси заеднички да работат на техничкото решение од која страна ќе доаѓа кракот од гасоводот за Македонија и како технички ќе биде изведен. Очекуваме во блиска иднина тоа да биде завршено и Република Македонија да добие дополнителни количини на гас“, појасни вицепремиерот.
Тој посочи дека станува збор за меѓународен проект кој иако се базира на руски гас, вклучува и акционери од неколку европски земји, меѓу кои од Германија и од Италија.
„Тоа се два различни проекти, но се поврзани. Со самото тоа што преку Јужен тек ќе обезбедиме дополнителна количина гас и стабилен извор на гас до македонската граница, се создаваат можности да се реализира и проектот за изградба на внатрешната гасификациска мрежа која ќе се реализира преку средствата од клириншкиот долг во првата фаза, а во втората фаза преку кредитни средства од ЕБРД и други извори,“ појасни Ставрески.
Вицепремиерот потенцираше дека без енергетски проекти и без инвестирање во енергија не може да се оствари повисок економски развој и конкурентност на економијата.
„Затоа е значајно што со вклучувањето на Македонија во Јужен тек се обезбедува сигурно и стабилно снабдување со енергија за наредните неколку десетици години како за производствените капацитети, така и за домаќинствата, потенцира Ставрески.
