Ставрески за годинава ветува нови работни места и создавањето поволен бизнис амбиент
Министерот за финансии Зоран Ставрески во интревју за македонската телевизија потенцира дека оваа година приоритет за Владата ќе бидат странски инвестиции, отворањето нови работни места и создавањето поволен бизнис амбиент за домашните инвеститори.
- Приоритет број еден и натаму останува намалувањето на невработеноста, а за да се случи тоа потребни се инвестиции. Тоа значи дека привлекувањето странски инвестиции и опстојувањето на добриот бизнис амбиент за домашните инвеститори ќе претставува приоритет за Владата и во 2015 година. Покрај тоа ќе го помогнеме домашното стопанство и преку висок износ на инфраструктурни проекти, односно капитални инвестиции од Буџетот за реализација на патишта, на железничката пруга кон Бугарија, за изградба на комуналната инфраструктура, училишта, болници и сѐ друго што може да го придвижи домашното стопанство преку ангажман на домашната градежна оператива и индустријата – вели Ставрески.
Според вицепремиерот, ќе се постигнат добри економски резултати и проектираниот економски раст од 4 проценти, а ќе продолжи и трендот на намалување на невработеноста, а исто така очекува темпото на странски инвестиции да продолжи да расте и во 2015 година со што ќе се отворат нови работни места за граѓаните.
- Имаме дваесеттина, дваесет и пет фирми што треба да ги објават инвестициите или да ја почнат изградбата на фабриките во зоните и тоа во сите региони на Република Македонија. Значи, не само во Скопје, каде што неодамна имавме потпишување на договор со „Капкон“ за нови 400 работни места и некои други инвестиции, туку и во внатрешноста на Република Македонија. Во Охрид, на пример имаме две германски фирми кои што ќе обезбедат вработувања на над вкупно 3.000 лица од Охрид и од Струга. Во Прилеп, инвестицијата на американската компанија „Гентерм“ со околу 2.000 вработувања. Имаме инвестиции и во Штип, во Кочани, во Тетово и на сите други места. Гледаме во сите населени места во Република Македонија барем да обезбедиме по еден инвеститор и со тоа да се отворат работни места – истакнува Ставрески.
Ставрески за укинувањето на задолжителната задолжница, појаснува дека е тоа е направено по барање на бизнис заедницата, а за годинава најавува и зголемување на социјалната помош на одредени категории на граѓани и зголемување на пензиите, како и нови работни места за граѓаните.
