Ставрески уверува дека буџетот ќе биде донесен до Нова година
Буџетот за 2013 година ќе биде донесен до крајот на годината, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески. Тој истакна дека власта покажала висока конструктивност,но конструктивност треба да покаже и другата страна. Со ултиматум и уцени не се гради демократија, а опозицијата настојува да ги држи во заложништво и државата и граѓаните, потенцираше Ставрески.
„ Тие, за жал, ги одбиваат сите наши предлози и остануваат во ров, но и со ултиматуми за да се прифати само она што тие го предлагаат. Тоа не е добра позиција. Таа е штетна за државата, за граѓаните на Република Македонија, за пензионерите, за примателите на социјална помош, за земјоделците и стопанствениците. Сите тие се во неизвесност и сите тие очекуваат СДСМ да покаже одговорност, но и да дозволи, како секоја европска опозиција Буџетот за 2013 година да се донесе“, изјави Ставрески.
На обвинувањата од страва на СДСМ дека власта преку ноќ се задолжила со нови 100 милиони евра преку државни записи, Ставрески вели дека владата веќе се навикнала на обвинувањата и на тешките зборови од СДСМ и посочи дека станува збор за елементарно неразбирање на функционирањето на Буџетот. „Секој прибран денар во Буџетот се враќа во економијата и сите средства што доаѓаат во буџетот се исплаќаат на фирмите за поврат на ДДВ, потоа на градежните компании за извршени работи, за субвенции за земјоделците, за изградба на болници и училишта, изјави Ставрески.