Ставрески: Струмичките бизнисмени се задоволни од работата на Царината и УЈП
Бизнисмените од Струмица треба активно да се вклучат во владините проекти, повика министер за финансии Зоран Ставрески кој денеска беше во посета на југоисточна Македонија. Стопанствениците го запознале со состојбите во локалната економија, а било разговарано за перспективите на македонската економија.
„Ги запознав бизнисмените од Струмица со плановите на Владата за реализација на капитални инвестиции за следната година. Тоа се крупните проекти за изградба на автопати, за железничката пруга, како и за реализација на бројни капитални проекти во сите сфери и можноста за домашните компании да се вклучат во овие проекти, бидејќи тоа е еден од начините да се обезбеди работа за следната година“, истакна Ставрески и додаде дека се зборувало за пристапот до финансиски средства и кредитите од Европската инвестициска банка.
Ставрески посочи и дека струмичани биле задоволни од работењето на Царината и од УЈП.
„Слушнавме неколку корисни сугестии за забрзување на протокот на стоки и патници преку границите, за начинот на реализација на Законот за финансиска дисциплина кој ќе помогне да се подобри ликвидноста на фирмите и неколку други прашања од делот на регулативата и од делот на добивањето лиценци и слично. Ќе настојуваме на сите што учествуваа на дебатата да им помогнеме директно, а и преку системски мерки да се решат одредени прашања, бидејќи домашните инвеститори ни се исклучително значајни за реализација на нови инвестиции и за отворање на работни места“, рече Ставрески.
Слично
