Ставрески: Снимките на Заев нецелосни, Кондицијата на буџетот е одлична!
После низата објавени аудио разговори на денешната прес конференија од страна на опозицискиот лидер, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески излезе на прес конференција на која што ја искоментира денешната „бомба“ на СДСМ.
Според вицепримиерот она што Заев денеска го зборувал, не е дел од реалноста.
„Слушнавме замена на тези и селективни разговори, надвор од вистинскиот контекст“, рече Ставрески.
Тој исто така посочи дека денешните снимки од телефонските разговори меѓу него и министерката Гордана Јанкулоска, кои ги објави лидерот на опозицијата Зоран Заев, биле нецелосни и со селективна природа и имале за цел да внесат раздор во економскиот тим на Владата.
Кондицијата на буџетот е одлична, а тоа го потврдивме и со предвременото раздолжување кон ММФ, потенцираше Ставрески притоа напоменувајќи дека македонската економија е во добра состојба и дека сценарио за банкрот нема да се случи.
– И денеска, по којзнае кој пат, беа изнесени истите тези дека државата е пред колапс и банкрот, а всушност, ништо од тоа не е точно. Граѓаните треба да се водат од реалноста, од она што го гледаат, од аргументите и фактите кои велат дека последниве години невработеноста а намалена за една третина, креирани се 125 илјади работни места, во земјава како резултат на реформите дојдоа над 30 странски компании, државниот долг е под 35 проценти од БДП или меѓу четирите најниски во Европа, истакна Ставрески.
Според него, нормално е луѓето во Владата да имаат различни мислења, но сите тие се ставаат на маса, се разгледуваат, се разменуваат аргументи за на крај да се бира најквалитетно решение за граѓаните, согласно програмата.
– Со таков пристап, на поттикнување дебата, што сметам дека е многу здрав, се донесуваа решенија и се води економска политика, потенцира Ставрески.
За целиот случај со изнесувањето прислушкувани разговори тој изјави дека ќе мора да има правна разрешница и дека со овој случај најголема штета трпеле државата и граѓаните.
