Економија, финансии, бизнис

Контакт

Ставрески: Се бараат алтернативи за Јужен тек

Ставрески: Се бараат алтернативи за Јужен тек
Македонија нема влијание врз случувањата околу гасоводот Јужен тек, кои во целост зависат од Русија и Европската унија, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, по најавите дека Москва се откажува од реализацијата на енергетскиот проект кој беше важен и за нашата земја. „Иднината на Јужен тек е во рацете на Русија и на Европската унија, така што не е прашање на кое ние може да влијаеме. Можеме да ги следиме состојбите, и ние работиме, работевме и ќе работиме на изнаоѓање алтернативни решенија. Сметам дека постојат такви, и во догледна иднина Владата ќе информира за прогресот во однос на изнаоѓање алтернативи, односно изнаоѓање други извори и други пристапи за гас за Македонија“, вели Ставрески. Тој нагласува дека откажувањето од Јужен тек не влијае врз исплатата на клириншкиот долг на Русија кон Македонија - планираните 60 милиони долари за исплата на долгот сепак ќе завршат во изградбата на гасоводната мрежа во земјава. За разлика од Македонија, дел од балканските земји се разочарани од одлуката на Москва да го стопира овој проект. „Србија со ништо не придонесе на таквата одлука. Сега дали русофилите и еврофилите во Србија ќе се обвинуваат кој е виновен, сигурно е тоа што ние за ништо не сме виновни. Шест години Србија вложуваше, повеќе од шест години – седум години се вложуваа многу труд, многу работа“, рече српскиот премиер Александар Вучиќ. Србија беше подготвена и наспроти спротивставувањето од ЕУ да започне со изградба на гасоводот Јужен тек на своја територија, а за тоа беа дефинирани и сите детали. Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ ја повика Москва уште еднаш да размисли за одлуката, која ќе и донесе големи загуби на Србија - и во планираните градежни активности и во планираните приходи од транзитот на гасот. Губитник е и Бугарија, која уште порано под притисок на ЕУ мораше да се откаже од плановите за изградба на гасоводот на сопствена територија. За сметка на ова, добитници на крајот по се изгледа ќе бидат Турција и Грција, како земји кои Русија отворено ги промовира како алтернативен пат за својот гас кон Европа.
Слично

Поврзани вести