Ставрески: Пропаднатата зделка со Субрата Рој не можеше да се предвиди
Банкарската гаранција за нереализирање на инвестицијата во Џумајлија за индискиот инвеститор Субрата Рој е активирана согласно законските прописи и државата на тој начин е заштитена, вели првиот финансиер Зоран Ставрески на прашањето дали Индиецот бил погрешна проценка на Владата.
Токму Ставрески го пречека индискиот бизнисмен при неговата посета на Македонија и со него ги разгледуваше бизнис-плановите за инвестирање во земјата.
„Никој не може да предвиди во одделна ситуација какво ќе биде однесувањето или какви последици ќе има одреден настан. Како што знаете јасни се околностите поради кои се одложи најавената инвестиција. Ние во такви околности сме се заштитиле како држава со банкарската гаранција и тоа е почитување на законот“, рече Ставрески.
Опозицискиот СДСМ денеска побара од Владата да ги соопшти вкупните штети од пропаднатиот бизнис со Субрата Рој. Министерството за земјоделство ја активираше банкарската гаранција од три милиони евра, откако индискиот бизнисмен и по три години не реализираше ништо од ветените инвестиции во агрокомбинатот Џумајлија.
Слично
