Ставрески од Брисел: Македонија е меѓу најслабо задолжените земји во Европа
Македонија има ниско ниво на долгот и е четврта најниско задолжена земја во Европа, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска во Брисел за време на Самитот „Напредок на Балканот: Битка за справување со влијанието од кризата“ .
„Ние имаме солидни резултати во делот на подобрување на бизнис-климата, во што сме меѓу подобрите во Европа и најдобри во Југоисточна Европа. Македонија ќе ја побара поддршката од ЕУ и банките од Европа, пред се од Европската инвестициска банка (ЕИБ) да продолжат со кредитните линии за македонските мали и средни претпријатија и за инфраструктурни проекти како значаен инструмент во борбата за големување на економскиот раст. Следната година, со нивна помош реализираме некои крупни проекти како што е автопатот на Коридорот 10 и некои други проекти во делот на поддршката на мали и средни претпријатија, кредитната линија од 100 милиони евра и слично“, изјави Ставрески.
Според министерот, македонската делегација на овој самит имала можност на високо ниво да ја претстави Република Македонија во позитивно светло и да побара поддршка од ЕУ и од европските пријатели да ги отворат вратите за Македонија, што пак треба да помогне за растот во иднина да биде и поголем и да имаме повеќе странски и домашни инвестиции.
На Самитот се разговарало за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, за енергетската ефикасност како и за преземање цврсти мерки за стимулирање на деловното опкружување.
Слично
