Ставрески: Финансиските зони не се наменети за привлекување „нечист капитал“
Секој капитал кој ќе влегува од меѓународната финансиска зона во Македонија ќе биде од проверен извор, од реномирана банка во светот и ќе се аплицираат сите правила коишто важат за проверка на средствата во функција на спречување прилив на „нечист“ капитал.
Ваквата регулативата треба да биде заокружена во првиот квартал следната година, а зоната да профункцинира во летото 2015.
Ова во дебатна емисија на Македонската телевизија го истакна министерот за финансии, Зоран Ставрески кој нагласи дека првите компании или финансиски друштва во македонската финансиска зона се очекува да почнат да работат во 2016 година.
„Надлежностите на Финансиската полиција, на Управата за јавни приходи, на сите оние кои сега имаат надлежности во следењето на финансиските текови ќе бидат и во рамки на зоната, истакна министерот Ставрески.
Регулатива во македонската зона треба да биде привлечна и препознатлива за инвеститорите бидејќи финансиските друштва посебно се чувствителни и бараат нешто што е препознатливо.
„Ќе земеме дел од англиското право, значи англосаксонската основа за базичните закони за решавање спорови меѓу фирмите во рамки на зоната и слично, регулативата за инвестициски фондови од Луксембург е добра, ќе ја надоградиме со некои добри други примери и на тој начин ќе креираме една единствена регулатива која што ќе важи за македонската финансиска зона која што ќе можат странските финансиски друштва полесно да ја препознаат, да видат дека е таква што им обезбедува заштита од некомерцијален ризик и им ги обезбедува сите права што ги имаат во развиените земји, но од друга страна трошоците им се пониски, вели Ставрески.
Според вицепремиерот земјава ќе има бенефит бидејќи со доаѓањето на тие друштва ќе се отворат нови вработувања на кадар од Македонија, работни места кои се повисоко платени, ќе има услуги што ќе се вршат во тие зони, ќе има ноу-хау, она што е многу значајно – знаење кое што ќе го донесат тие финансиски друштва за производи што ги нема во Македонија.
„Тоа ќе им помогне и на домашните финансиски институции да растат односно да ги развиваат и тие дејности бидејќи сметам дека едно што недостига во Македонија, а е поврзано со претходните теми, е излегувањето на фирмите на пазарот на капитал како начин на финансирање на нивните потреби, а тоа и делумно заради тоа што на другата страна нема некој којшто може да им помогне на фирмите за развој на продукти или за презентирање на сопствените идеи како што треба“, укажува вицепремиерот Ставрески.
Министерот објаснува дека со оглед на искуствата од претходните промоции за слободните економски зони на сличен начин ќе се идентификува прво кои се финансиските друштва и компании коишто имаат потенцијал и потреба од пренесување дел од бизнисот во земја каде што има исто така квалитетна регулатива и добри бизнис услови, но помали трошоци. Потоа, како што рече, ќе стапиме во директен контакт за да ги објасниме можностите што ги нуди Македонија.
Слично
