Ставрески дециден – Буџетот е развоен и добар за сите граѓани
Новиот Буџетот е развоен, ќе оствари силен економски раст и ќе обезбеди подобри услови за сите граѓани. Ова е ставот на министерот за финансии Зоран Ставрески, кој го изнесе за време на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Според Ставрески буџетот за2014 ќе изнесува 176,5 милијарда денари, планирани се приходи од 158 милијарди и 243 милиони, а буџетски дефицит од 3,5 проценти. Тој според министерот ќе се покрие од домашни и од странски извори.
„Расходната страна на Буџетот е планирана со силна развојна димензија изразена преку износот на капитални инвестиции. За таа силна развојна димензија зборувавме минатата година и се покажа кој беше во право. На истата оваа говороница се кршеа копја околу тоа дека со таков буџет, како што тврдеше опозицијата, македонската економија ќе падне на колена, ќе доживееме банкрот и други апокалиптични сценарија. Една година потоа се покажа кој е во право “,рече Ставрески кој додаде дека буџетот за 2013 година ги оствари и ги надмина очекувањата
Капиталните инвестиции ќе изнесуваат 22,5 милијарди денари или 20 проценти повеќе од лани.
„Капиталните инвестиции ќе ја придвижат македонската економија. Она што посебно ќе ја раздвижи економијата е изградбата на двата нови автопати и интензивирањето на изградбата на Коридорот 10, односно Демир Капија-Смоквица. Тоа се три крупни проекти какви што немало во изминатите 22 години. Тие три автопати ќе подразбираат вклучување на македонски компании, работници и градежни материјали од Македонија. Сето тоа ќе создаде работа и ангажман за македонските фирми и ќе ја раздвижи македонската економија“, рече Ставрески.
Државниот долг во наредниот период останува на умерено ниво и до 2016 нема да надмине 37,6 проценти од БДП.
По 22 години истакна дека се менува структурата на извозот и сега во него не се доминантни производите од металната индустрија, земјоделството или суровините, туку има и производи со висока технолошка вредност како машини, опрема и хемиски производи.
Според Ставрески најлошото е зад нас, Европа постепено излегува од кризата, а македонската економија има многу подобри резултати од очекуваното.
Опозициските пратеници поднесоа 684 амандмани на Предлог-буџетот за 2014. Општиот претрес по Предлог-буџетот и по поднесените амандмани може да трае вкупно 10 работни дена.
Слично
