Ставрески: Буџетот за 2013 е креиран да одговори на кризата
Предложениот буџет за 2013 година, по кој од денеска почна расправата на матичната собраниска комисија, е реален и соодветен одговор на европската и глобалната економија и случувањата во Европа. Главната задача на Владата, како што рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески образложувајќи го предлогот, е од една страна да го поддржи економскиот раст и враќањето на македонската економија на патеката на раст и од друга страна да ги заштити најранливите категории на населението во услови на економска криза.
Поддршката на економскиот раст во рамки на буџетот за 2013 година, како што појасни министерот, е изразена и на приходната и на расходната страна. – Приходната страна е проектиранапрвпат во овие 20 години на ниво кое што не е повисоко од приходната страна на буџетот од претходната година. Тоа подразбира дека Владата на Република Македонија предлага буџет во кој нема зголемување даноци, односно истите се задржуваат на идентично ниво со што Македонија ќе има и натаму најниски даноци во Европа, рече министерот потенцирајќи дека тоа е директна поддршка за македонското стопанство и македонската економија во насока на заздравување на економијата и враќање на патеката на економски раст бидејќи на тој начин се одржуваат ниски трошоци за компаниите на расходната страна, рече Ставрески.
Развојната компонента на буџетот и поддршката на економијата, според министерот, е пред се изразена во високото ниво на капитални инвестиции, кои се проектирани на ниво кое за 10,4 проценти повисоко од овогодинашното.Во буџетот за 2013 година предвидено е најголемото зголемување на буџетот за социјална заштита за 10 проценти, во здравството за 13 проценти, шест проценти раст за земјоделството и 2 кај образованието и спортот. Кај социјалната заштита предвидени се средства за зголемување на пензиите на 284 илјади пензионери кои од март следната година ќе добијат по 550 денари линеарно и пет проценти зголемување на социјалната помош за 45.000 корисници. Предвидени се и 228 милиони денари за оперативниот план за вработување и за вработување деца без родители и родителска грижа, зголемување на капиталните расходи за 14,5 проценти со кои ќе се довршат градинки, реконструкција на центри за социјална заштита и дневните центри. Кај буџетот на Министерството за здравство е зголемен износот на средства за медицинска опрема и тие достигнуваат 1,5 милијарда денари, 152 милиони денари се за набавка на амбуланти возила, за реконструкција на јавните здравствени установи се предвидени 373 милиони денари, а за изградба на ПЕТ-центарот 46 милиони денари. За образованието се издвоени средства за изградба и реконструкција на основни и средни училишта во износ од 267 милиони денари.
Кај капиталните расходи за јавните високообразовни установи издвоени се средства од 629 милиони денари, опремувањето на лаборатoриите во износ од 252 милиони денари што е пораст од 83 проценти, инвестиции во спортски објекти за 252 милиони денари. Издвоени се средства и за железничката инфраструктура во износ од 821 милион денари, каде има пораст од 42 проценти. За гасификација издвоени се 244 милиони денари. За изградба на водоводи и канализации планирани се планирани 491 милиони денари. Предвиден е почеток на изградбена пречистителна станица во Прилеп за што се издвоени 200 милиони денари, а како еден од најголемите проекти во транспортната инфраструктура е поддржан изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица со 1 милијарда и 490 милиони денари. Додека за земјоделците се издвоени 135 милиони евра што е согласно програмата на Владата.
Слично
