Ставрески: 1, 5 милијарди евра инвестиции влегле во Македонија за пет години!
Странските инвестиции во земјава за периодот од 2007 до 2012 година изнесуваат милијарда и 550 милиони евра, соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Според Ставрески оваа сума е двојно повеќе од вкупниот прилив на странските инвестиции во периодот од 1990 година до 2005-та година.
“Штета е што во вакви времиња вкупниот прилив во Европа и во светот е многу намален во однос на тоа што да речеме беше во 2004 и 2005 година и кога би имале такви околности како тогаш, резултатите ќе беа уште подобри. Но, евидентно е дека Република Македонија привлекува инвеститори и во вакви околности и тоа не од една земја, туку од повеќе, американски, британски, руски и останати компании, што се решаваат да дојдат во Македонија“, вели Ставрески.
Ставрески смета дека претставување на бизнис потенцијалите на Македонија во другите земји е особено значајно.
“Ако седите во земјата и ништо не правите се разбира дека нема никој да дојде. Треба да се биде амбициозен, да се отиде таму, да се објаснува и да се настојува да се прикаже земјата во позитивно светло, но затоа треба пред се да ги средите вкупните односи во земјата во делот на бизнис амбиентиот. Сметам дека таа структура веќе постои и затоа инвеститорите се почесто решаваат да инвестираат во Македонија“, рече Ставрески.
Годинава низ Македонија се отворија или почнаа да се градат околу 10 фабрики како резултат на странски инвестиции, што сепак не ја ублажи генералната слика дека годинава ќе има малку инвестиции, барем според статистиката. Oд почетокот на годинава до септември во Македонија влегле 44,2 милиони евра странски директни инвестиции, објави Народната банка. Според податоците на НБРМ во последниот, трет квартал има одлив на инвестициите за сума од 28,3 милиони евра, во вториот квартал според официјални бројки во земјава влегле нешто помалку од еден милион евра странски директни инвестиции, а единстевно позитивен е првиот квартал односно почетокот на годината кога имало 71, 7 милиони евра. Овој пад на странските директни инвестиии е сериозен аларм ако се земе во предвид дека минатата година во првите три квартали имало 231, 2 милиони евра додека годината завршила со вкупни странски инвестиции за сума од 336,7 милиони евра.
Р.Ф.
Слично
