Економија, финансии, бизнис

Контакт

СТАВ ТОЗИЈА: Нема друг да ни ја заврши работата, народот дава власт, народот одзема!

СТАВ ТОЗИЈА: Нема друг да ни ја заврши работата, народот дава власт, народот одзема!
Шарената револуција внесе нов свеж воздух меѓу граѓаните. Демонстрантите иако добиваат разни квалификации и етикети, обвинувања, се повикуваат на информативни разговори, добиваат закани, куќни притвори,  не се откажуваат од ставот дека сакаат слободна и демократска земја. Долги години ни беа потребни да се разбудиме, некој порано, некој подоцна но важно е дека ги отворивме очите и сфативме дека ние сме тие кои треба да го дигнат гласот, а не да чекаме некој друг да го стори тоа за нас – вели за Фактор, Горјан Тозија, филмски  продуцент и поранешен советник во Kабинетот на  екс претседателот  Бранко Црвенковски. Почетокот  на борбата според него е кај секој индивидуално, но моќта е во солидарноста и заедништвото за да се постигне нешто кое е за доброто на сите. Долго време вели Тозија тлееше ова жарче кое конечно се распали и нема сила што може да го сопре. “Ниту еден од механизмите што ги користи овој режим, етикетирања, заплашувања, закани, притвори и што уште не. Сето тоа е минорно со големината на идеата и визијата позади која стојат сите овие храбри и одговорни граѓани. Оваа борба мора да ја извојуваме зашто ова е борба за правда и слобода и тука нема компромис. Разумно ова би требало да биде крајот на режимот и само почетокот на нашата нова Шарена Македонија која судејќи по тоа што се случува по улиците и начинот на кој тоа го прават овие луѓе, може да биде навистина прекрасна”- додава Тозија. Проблемите на функционирање на институциите, притисоците на работните места, заканите и стегите во кои е оковано општеството како што  вели ги извади  на улица граѓаните од секој сектор и ја зголеми недовербата во системот. Иако имаше обиди директно да се атакува кон граѓанскиот сектор и да се уништи секој неистомисленик со власта, според него сеуште има можност да се вратат вистинските вредности преку правниот систем и институции кои ќе бидат во функција на граѓаните. “Пораките да се укинат невладини организации па дури и цели партии за да се заштити оваа власт се чиста деструкција, тоа не се идеи ниту луѓе кои се конструктивни и не можат да направат добро за никој. Тоа се само очајни обиди на режимот кој се инсталираше во сите сектори, во сите институции, во целиот систем да ја задуши секоја независна и критичка мисла. Да ги делегитимира, етикетира, оцрни и уништи сите оние кои не се на неговата страна. Мегафоните на власта без никакви морални и етички вредности во нивните појавувања повикуваат на насилство и на многу низок начин пробуваат да манипулираат со јавноста. Никој не сака да живее во таква Македонија и иднината не ни е светла ако тоа го дозволиме. Треба да ја вратиме правдата, да си ги изградиме инситуциите кои ќе бидат во служба на граѓаните, да ги почитуваме различностите и да градиме квалитетен соживот. Тоа е единствената шанса и единствениот пат во иднината”- порачува филмскиот продуцент. 13411785_1522862381062152_8435229893899829976_o Партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ кое ќе се закити со уметнички слики на раководството во услови кога економската и социјалната моќ на граѓаните паѓа со забрзувачко темпо, според Тозија  е презентирање на моќ или немоќ за решавање на проблемите и не е ништо различно од она што го гледаат граѓаните во последниве десет години. “Чисто распиништво. Тотална делузија и расфрлање со пари на граѓаните во толку непотребни проекти чија цел е промоција на режимската пропаганда и грабеж на народот. Ништо од тоа што е направено нема никаква вредност, најмалку естетска. Да не беше волку трагична целава ситуација ќе можевме барем да се насмееме. Многу скапо да се насмееме. Чиста немоќ”- оценува Тозија. Во трката за власт партиите како што вели заборавија на студентите, на младата прогресивна сила која ни заминува пред нос, а не се прави ништо таа да се задржи дома. Младите се  уморни од лошо спроведените политички игри,си одат и никогаш не се вртат назад,  а тоа според него е најскапата цена која ќе ја плати земјава. “Тоа е можеби и најстрашното нешто што ни се случува веќе долго време,  а се повеќе и повеќе ќе го осеќаме. Мораме да се свртиме према младите и да ги послушаме, да им дадеме можност да направат нешто, да ги отовриме можностите и заеднички да почнеме да градиме нешто што е одржливо, заедничко и со повисоки цели од личните збогатувања. Овие млади луѓе што јас ги гледам на улиците последниве години знаат што сакаат, немаат страв имаат став, остроумни се и способни да работат и носат одлуки и да ја направат Македонија многу подобро место за живот и за нас и за нив. Треба да ги слушаме, треба да им помогнеме и да веруваме зашто тоа ни е единствената шанса што ја имаме. Тие се нашата иднина”- нагласува Тозија. И да не сакале или неможеле, граѓаните вели преку прислушкуваните разговори открија една целосно разголена вистина, на кој начин бил организиран криминалот преку грбот на обичниот човек кој со години живее во континуиран страв и стрес.  Најстрашно е вели што животот стана преживување од ден за ден,  оптеретен со казни, судови, извршители и притисоци. “Сето тоа се знаеше, бомбите ни покажаа дека било вистина без разлика колку не сакавме да веруваме во тоа и слушнавме дека начинот на кој што цел овој криминал е организиран е многу страшен. Обичниот човек некако како да се адаптираше да функционира и живее во континуиран страв и стрес на секој чекор. Државата и институциите му станаа непријател број еден и како да си се помиривме со тоа. Животот стана преживување од ден за ден и оптеретен со казни, судови, извршители и притисоци. Режимската чизма длабоко стисна на сечија глава. Тоа не е достоинствен живот”- нагласува филмскиот продуцент. Затоа  пораките на Шарената револуција  се многу и се различни.Секој има свои лични причини поради кои се одважува во вакви како што вели Тозија  страшни времиња во кои живееме да го крене својот глас на ваков начин. Да излезе јавно  и со достоинство и со став да каже, доста е! “Пораките може да се слушнат во паролите што се извикуваат, во транспарентите што се испишани, моќна е и пораката во боите со кои ce шараaт институциите и проектот Скопје 2014 како најголем репрезент на овој режим. Во секој случај сите тие пораки беа преточени во официјалните барањата позади кои застанавме сите. Меѓутоа Македонија ни припаѓа на сите и затоа граѓаните го дигнаа гласот и ќе се изборат за правда и слобода. Моќта  е кај нив”- завршува Горјан Тозија. С.Б.
Слично

Поврзани вести