СТАВ Јошевска Анастасовска: Груб упад во правната држава!
Пишува Сузана Јошевска Анастасовска, адвокат:
Претседателот објави дека донел, цитирам, „одлука со која се извршува општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи од спротиставените страни“. Тој објасни дека ова не била наша борба туку дека биле туѓи интереси.
Ваквата објава е толку правно неиздржана и контрадикторна со основните принципи на институтот помилување што е јасно дека тој што ја подготвил или не е правник или е лош правник.
Прво, „општ прекин на сите постапки“ не претставува надлежност на претседателот. Претседателот може да дава поименично помилување на конкретно лице за конкретно кривично дело. Ошт акт сугерира на амнестија, а за тоа се носи закон за кое пак е надлежно Собранието.
Второ, „постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи од спротивставените страни“ е толку нејасно, да не може да се протолкува. Какви се тие постапки меѓу политичарите и нивните соработници? Кривичната постапка ја води државен орган- јавно обвинителство против конкретно лице. Не постојат кривични постапки меѓу политичарите и нивните соработници. Не е јасно што сакал Претседателот да каже. Не е јасно како е можно да донесе одлука за помилување за лица за кои не е започната кривична постапка, односно истата е во фаза на само поднесена кривична пријава, на пример. Од каде, од кој пропис ги црпи Претседателот овие права и надлежности?
Трето, од правна гледна точка, невозможно е да се ветува помилување. Тоа е спротивно на институтот помилување кој треба да претставува акт на праведност или милост. Јасно е дека оваа порака беше пратена кон СЈО што претставува притисок и мешање во работата на ова обвинителство.
Четврто, упатувањето на тоа дека зад сите случувања стоеле „туѓи интереси“ без да образложи кои и чии се тие туѓи интереси не е во согласност со институтот помилување бидејќи помилувањето не смее да се користи за борба со „туѓи интереси“, туку Претседателот треба да ги идентификува тие „туѓи интереси“ и да се бори против нив како институција избрана од граѓаните за тоа. Од друга страна, тој не ги образложи државните и националните интереси кои би биле загрозени доколку се водат и довршат овие постапки.
И петто, без оглед на тоа дали со одлуката на Уставниот суд по однос на помилувањето формално воопшто е возможно Претеседателот да помилува на ваков начин, тој со денес донесената одлука со општ акт да помилува врши груб упад во правната држава и праќа порака дека во Република Македонија не постои такво нешто што се нарекува владеење на правото.
подготви Горазд Чомовски
Слично
