Економија, финансии, бизнис

Контакт

СТАВ: САМО ПРЕКУ ИЗДРЖАНИ СТУДИИ И АНАЛИЗИ МОЖЕ ДА ДОЈДЕМЕ ДО ЕФИКАСНИ ЕКОНОМСКИ И ИНДУСТРИСКИ ПОЛИТИКИ!

СТАВ: САМО ПРЕКУ ИЗДРЖАНИ СТУДИИ И АНАЛИЗИ МОЖЕ ДА ДОЈДЕМЕ ДО ЕФИКАСНИ ЕКОНОМСКИ И ИНДУСТРИСКИ ПОЛИТИКИ!

Стопанската комора на Македонија во согласност со нејзиниот проактивен пристап на делување со цел креирање подобри економски и индустриски политики, неодамна иницираше и реализираше серија на проекти меѓу кои беше и економската импакт анализа за индустријата на основни метали како прва студија од ваков тип изработена во нашата земја. Тенденцијата на Комората е да се продолжи со оваа практика во наредниот период преку изработка на импакт анализи за сите други носечки индустриски гранки во земјата, со крајна цел креирање на една сеопфатна и научно базирана студија за целото македонско стопанство.

Бранко Азески, претседател

Стопанска комора на Македонија

Во согласност со определбите и настојувањата на Стопанската комора на Македонија за воспоставување на еден нов модерен концепт на делување преку спроведување и поддршка на научнозасновани и стручни апликативни истражувања и анализи кои ќе имаат за цел испорачување на издржани предлози и конкретни мерки во насока на градење на поефикасни економски и индустриски политики, во изминатиот период беа започнати и реализирани неколку значајни проекти. Еден од тие проекти се однесуваше на изработка на економска импакт анализа на индустријата за основни метали, каде преку примена на една научнo базирана методологија беа анализирани значењето и придонесот на оваа за Република Македонија исклучително важна индустрија.

Крајните заклучоци од анализата укажуваат дека и покрај сериозните проблеми со кои се соочува оваа индустрија, сепак истата се`уште има значајни ефекти за македонската економија. Имено, резултатите од истражувањето укажуваа дека оваа индустрија директно или преку своите мултипликативни ефекти придонесува со повеќе од 6% во бруто додадената вредност на економијата; директно вработува и индиректно поддржува повеќе од 25.000 работни места; извезува повеќе од 530 милиони американски долари, или во релативен износ повеќе од 13% од вкупниот извоз на земјата; има значително учество во полнење на буџетот на државата преку даноци, придонеси и други давачки и, што не е помалку важно компаниите во оваа индустрија преку програмите за корпоративно-општествена одговорност имаат значителен  придонес во општествено-социјалниот развој на земјата.

Овој проект практично беше прва студија од ваков тип изработена во нашата земја, при што истата доби голем публицитет во јавноста и помеѓу сите засегнати субјекти, од аспект на пристапот што Стопанската комора на Македонија започна да го аплицира како практика на нејзино делување.

Практично, базичната идеја за реализирање на овој проект беше проучување наметалната и металопреработувачката индустрија преку квантифицирање на директните и мултипликативните (индуцирани) ефекти што истата ги генерира во рамките на националната економија, гледано низ призмата на нејзиното директно и индиректно учество во создавањето на бруто додадената вредност, растот на економијата, вработеноста, платите, извозот, фискалните приходи, социјално-опшествениот придонес и сл.

Цврсто сме убедени дека единствено преку такви студии и систематски анализи базирани на детално проучување на репродукциските поврзаности помеѓу одделни индустриски гранки и квантифицирање на ефектите што тие ги генерираат во економијата директно или индиректно преку поттикнување на другите сектори кои се во нивниот синџир на добавувачи и преку ефектите од платите што ги исплаќаат на своите вработени и платите кои индиректно ги стимулираат во поврзаните со нив сектори, може дасе добие една јасна и објективна слика за индустрискиот систем на земјата и неговите специфичности. Само на тој начин може да изградиме корисна рамка и основа за креирање на долгорочна индустриска стратегија која ќе биде поставена на реални основи и која ќе поседува капацитет да ги испорача посакуваните резултати во насока на подобрување на економските перформанси на македонското стопанство и поттикнување на процесот на реиндустријализација како фундаментален предуслов за динамизирање на економскиот раст и развој на земјата.

Всушност, независно дали Владата води чисто хоризонтални или вертикални индустриски политики, нивната успешност во голема мера зависи од познавањето на постојната индустриска структура и придонесот што секоја индустриска гранка го генерира во економијата, детално познавање на специфичностите на одделните гранкиво економијата гледано од економски, производствен, техничко-технолошки и финансиски аспект, како и целосни информации за сите предизвици со кои се соочуваат и перспективите кои ги поседуваат секторите во економијата.

Ова е подеднакво важно и при дизајнирање на политиките за привлекување  странски директни инвестиции. Имено, доколку креаторите сакаат да се надеваат на позначителни ефекти од СДИ, потребно е истите да ги креираат врз база на детектирање на постојната индустриска структура на земјата во смисла на идентификување на капацитетите што домашните компании во одделни индустриски гранки ги поседуваат за да се вклучат во синџирот на снабдување на тие странски компании како нивни добавувачи и на тој начин да обезбедат соодветен бенефит за себе и за економијата во целина преку трансфер на знаења и технологија, пренесување на работни и менаџерски практики и сл. Политиките кои не се базирани на секторски анализи и претходно добро идентификување на компаративните предности на земјата можат само да создадат голем јаз помеѓу странските компании и домашните фирми, и на тој начин да изостанат вистинските мултипликативни ефекти што се очекува да ги генерираат СДИ за домашната економија.

Досегашното искуство покажува дека ниту една институција во државата нема направено вакви детални секторски анализи и индустриски истражувања на ниво на националната економија преку примена на еден методолошки заснован микроекономски пристап, и можеби тоа е една од главните причини за лошите индустриски политики што се провлекуваат во целиот изминат период од осамостојувањето на Република Македонија до денес. Тоа практично се рефлектираше врз економијата преку очајните состојби во македонското стопанство кои се однесуваат на неповолниот тренд на деиндустријализација и незначителното темпо на структурни поместувања во насока на подобрување на продуктивноста и конкуретноста на македонската економија. 

Оттука, спознавајќи ги сите овие пропусти на креаторите на политиките во земјата, мотивот на Стопанската комора на Македонија е дотолку поголем во наредниот период да продолжи со спроведување на економски импакт анализи за сите други значајни индустриски сектори и гранки во економијата по примерот на индустријата за основни метали, со крајна цел изработка на една сеопфатна студија за македонското стопанство, вклучувајќи ги сите носечки индустриски гранки и оние кои имаат развојни потенцијали. Таквата студија треба да помогне во креирањето наподобри и поефикасни индустриски политики насочени кон поддршка на оние сектори кои имаат значајни генерирачки ефекти за развојот на економијата и политики кои ќе ги поттикнат оние сектори и индустриски гранки кои поседуваат реални економски претпоставки да се развиваат во иднина.

Вакавиот тип на студии во светската практика се исклучително значајни не само на ниво на национална економија или одделни индустриски гранки, туку и на ниво на поединечни компании кои претставуваат значајни економски чинители во рамките на одделни индустрии, регионот каде се етаблирани и економијата во целина. Во таа насока, Стопанската комора на Македонија ќе ги поттикне и ќе ги охрабри сите поголеми компании во Република Македонија да изработат такви студии за своите компании со цел да го проучат своето поединечно влијание и придонес за националната економија преку директините и мултипликативните ефекти кои ги генерираат со своето работење.

На тој начин, самите компании ќе можат подобро да го претстават и  да го  промовираат своето економско и социјално-општествено влијание пред пошироката јавност и сите заинтересирани засегнати субјекти во земјата (владини институции, општински власти, невладини организации, групи на потрошувачи, кредитори, потенцијални партнери). Тоа ќе придонесе за зголемување на свеста во јавноста и помеѓу креаторите на економските политики во однос на опортуноста од нивното постоење за самата економија. Всушност, домашните компании се тие кои создаваат нова вредност во економијата, вработуваат, го полнат буџетот на државата, придонесуваат за социјално-општествениот развој на земјата, па поради тоа заслужуваат поголемо внимание и вистински третман, особено кога се соочуваат со сериозни проблеми и предизвици за нивниот опстанок и понатамошен развој.

Слично

Поврзани вести