СТАВ РИСТО СОЛУНЧЕВ: УДБА уште живее во Македонија!
„Граѓанското незадоволство е зреење. А притисоците од секаков вид се знак дека ова општество не си ја сака сопствената младина, се плаши од неа. Оти не може да ги обвини за криминал, создава митолошки дискурс на вина. Протестот има цели и барања, и јас притоа не чув ниеден контра-аргумент кој се однесува на самите барања. Имено, ниедно од тие барања не води кон уништување на државата, напротив токму сите постапки на власта што ги иницираа тие барања водат кон уништување на правниот поредок, ео ипсо на државата. Очигледно некои луѓе мислат дека државата-партија е нешто што стои над Уставот, па затоа неговото укинување и разнебитувањето на поделбата на властите за нив не е унуштување на државата. Кога сте во ваква логичка и правна какофонија, не ви останува ништо друго освен да глумите хистерија, да се однесувате инфантилно, да повикувате на линч. Човек без аргументи секогаш напаѓа ад хоминем. Стравот од сопствената младина е само доказ дека не сме ги надминале старите удбашки навики“ – вели за Фактор, универзитетскиот професор Ристо Солунчев од Филозофскиот факултет. Протестот преку јавно изразеното незадоволство според него е револт што во самата основа е добро, бидејќи суштината е да се чуе гласот на младите, нивната идеја и начин на размислување.
„Добро е што млади момци и девојки го водат тоа. А што друго би требало да прават на тие години. Остајте го конзервативизмот за после педесеттата година! Велат за нив -тие се родо-отстапници и предавници. Дали некој работел на проекти финансирани од Сорос е потполно ирелевантно. Дали младите вмровци кои одат на сеанси во Германија, и земаат пари од фондацијата Конрад Аденауер се платеници на други држави? Апсолутно. Колку што мене ми е познато, секој што станува платеник на тие фондации потем се обврзува да ги форсира тие вредности во сопствената земја. Модерен начин на колонијализам. Не гледам што тука е различно во однос на Сорос. Ирелевантно е бре луѓе! Страшно е кога партиите создаваат младина што на 20 години е конзервативна“ -додава универзитетскиот професор.
Финансискиот колапс кој со години во земјава се покрива со кредити за исплата на основните расходи како плати и пензии и подмирување на доспеаните долгови, според Солунчев е расипништво кое го прави моралниот дефект уште посериозен, бидејќи како што вели трошите пари кои не се ваши, а не сте ги позајмиле од пријател.
“Навистина ми е дегутантно да зборувам за расипништвото. Но во основата, расипникот е економски игнорант и не му е позната економијата во нејзиното изворно значење како домоустроителство. Притоа, расипник може да е еден човек, семејство, група луѓе во кафеана, партија, држава. На второ ниво, расипништвото е морален дефект и зборува за карактерни црти и домашно воспитание”- додава професорот.
Објавата за големите нарачани слики за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на кои се насликани актуелното и поранешното раководство предизвика бурни реакции во јавноста. Тие беа една од темите на протестот на Шарената револуција кои на чело на колоната го носеа транспарентот на кој пишуваше „нашата уметност е бесплатна“. Уметничката и историска вредност на сликите кои ќе го красат партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ според професорот го покажуваат невкусот кој стана заштитен знак на владејачката партија, којашто пак требаше да претставува некаква авангарда со тоа што реферира кон една битна македонска историска идеја.
„Историското ВМРО и покрај сите контроверзи е облик на историскиот дух на овој народ, како стремеж за новум и надвишување. Ова денес не е ни сенка. Ова е симулација, што е многу пострашно. Овој евтин и здодевен реализам што го форсираат е најдобар можен начин да создадете илузија. Да ја прикриете вистината, дека всушност вистината ја нема. Да го укинете историзмот, историјата како повест, и да симулирате дека сте моќен, единствен и вечен симбол на македонштината, вовед во паганизам и идолатрија. Парадоксално, илузијата е најубедлива во форма на реализам“- нагласува Солунчев.
Поради силните партиски притисоци и се поголемото инфилтрирање и неодвоивост на партијата од власта, кај народот почна да отсуствува моралното и етичкото расудување, па секоја борба освен егзистенцијалната во негово име ја води друг.
“Платон и Аристотел сметале дека политиката е довршување на етиката. Но внимавајте, довршување. Тоа значи дека само луѓе со формиран етос, физиономија, карактер и ипостас треба да се занимаваат со политика, со уредување на животот на Полисот, градот, државата. Без тој етос, политиката не се засновува на етиката, ами комплетно ја укинува. Етиката почнува да пречи, да заморува. Затоа политичар без формиран етос првин сака да се ослободи од етичкиот товар. Како тоа го прави? Така што креира народ кај којшто отсуствува морално расудување. Еден високо етички изграден народ претставува основа врз која се довршува етиката во форма на политичка програма. Ух, колку е бедно кога за национална и политичка програма продавате неповрзана сума на проекти. Симулакрумите се идеален начин за корупција на сопствениот народ. Кој да знае сепак каде е дното. За многу луѓе ние сме на врвот!”- потенцира професорот.
Молкот пред реалните проблеми како што вели ги става граѓаните во незавидна и зависна состојба, зависни од одлуките на владејачкото мнозинство, зависни од партиските директиви, притисоци и закани, зависни од нефункционалниот систем. Ослободувањето од стегите и обезбедување на стабилно тло за фер и демократски избори, ако е тоа можно по целиот политички заплет, се можните насоки за враќање на демократските вредности.
“Граѓаните се во склад со сопствената суштина којашто во политичкото им е доверена, имено да бидат заложници. Да бидат толпа, месо на системот, да се претвораат што повеќе во џган без есхатолошка свест. Да бираш да бидеш владеан, тоа е како сам да си го бираш џелатот. Да не се лажеме тоа се изборите и тоа е системот на демократија. За мене тој систем е сушта нефункционалност, а претставничката демократија е инаугурација на власт на плебсот( како што го нарекува мојот драг пријател Трајче Стојанов). Плебсот нема идеали, па затоа одлично функционира со власт без идеали, со ваков партиски систем, во постојана зависност од перманентен политички договор без крај. Но моите убедувања не се убедувања на мнозинството. За мене мнозинството не е критериум на вистината. И на крајот, просто е. Ако не ве бива, седнете како мали деца и реализирајте ги препораките на Прибе, и дозволете сето ова да има судска разрешница. Потем на избори, сеедно е кој ќе победи”- порачува професорот.
Според него идејата за формирање на нови универзитети меѓу кои и предлог-законот за “Дамјан Груев” кој е во собраниска процедура, се прави со цел да се вработат партиски кадри и послушници кои ќе ја легитимираат и бранат власта.
“Има една причина зошто власта инсистира на создавање нови универзитети. Никаде во светот на толку мал број граѓани нема толку многу универзитети, така што ова е убиство на Универзитетот како поим и пракса. Па побогу, ние ќе имаме повеќе слободни места од кандидати за студенти. Барем нека се германофили до крај, и нека го земат германскиот модел. Според тој модел ние не би требало да имаме повеќе од три државни универзитети. И се враќам на причината. Нови универзитети се потребни за да може да се вдомат или гдомат нивни лични, послушни до инфантилност, кадри, кои ќе стојат секогаш на располагање и ќе ја легитимираат и бранат власта. Ќе го бранат и поттикнуваат линчот на слободата. Но овие кутри луѓе немаат идеја што е универзитетот. Универзитетот е транстериторија и универзитетот не смее да се стави во одбрана на ниедна власт и ниедна политичка партија. Токму тоа е предавството, да ја изгубиш целината од вид, да станеш ум во служба на партијата!”- нагласува Солунчев.
И за крај вели : Излез од политичката ситуација? Можеби кукавичлук?! Да ја напуштиш Македонија, за да ги ослободиш сопствените потомци од следните сто години ропство во сопствената земја??!
С.Б.
Слично
