Економија, финансии, бизнис

Контакт

СТАВ Катарина Синадиновска: моќни протести и политичка разврска која ќе зависи од силината на „Бомбата“!

СТАВ Катарина Синадиновска: моќни протести и политичка разврска која ќе зависи од силината на „Бомбата“!
Катарина Синадиновска од неделниот весник Капитал смета дека 2015-та година ќе биде возбудлива година на политички план. Според Синадиновска ќе продолжат протестите на студентите, а понатаму од силината на „бомбата“ на Заев ќе зависи на кој начин и дали ќе еруптира граѓанското незадоволство. За Синадиновска се можни многу опции, освен една, тоа е ДУИ да си замине од коалицијата со ВМРО ДПМНЕ. „Од оваа Влада попрво ќе излезе ВМРО-ДПМНЕ отколку ДУИ. Така ќе биде и годинава и опозицијата е во тежок офсајт ако мисли дека Ахмети ќе одработи нешто за нив“, смета Синадиновска во нејзината мини анализа за случувањата во 2015 та година. 2015-та ќе биде политички возбудлива година, ако се суди по крајот на претходната 2014-та, но и почетокот на овој јануари. Три моменти ќе бидат интересни за анализа. Прво, тука е граѓанското незадоволство коешто прв пат после толку години се манифестира преку моќни протести, со уште помоќни пораки од кои власта треба да се замисли. Во услови во коишто власта демонстрираше дека нема слух, ниту волја за елементарна дебата (наместо тоа се тргна во политичка борба со демонстрантите класифирајќи ги за пиони на опозицијата), очекувам тоа незадоволство да се зголемува, па оттука првите месеци од годината мислам дека ќе бидат одбележани од серија протести со чисти граѓански мотиви. Во еден момент, на нив веројатно и сосем легитимно би им се приклучила и опозицијата, притоа не мислам само на СДСМ, туку на сите партии со опозициски предзнак. Се зависи од тоа како ќе се развиваат протестите, но тука на сцена стапува и вториот момент којшто на почетокот го споменав, а тоа е "бомбата" на Заев. Нема сериозен аналитичар, па и политичар којшто нема да каже дека многу нешта на политичката сцена ќе зависат токму од содржината на експлозивниот материјал. Заев ја крена топката премногу високо, тактизираше многу долго, ризикувајќи притоа да создаде недоверба кај и онака уморните граѓани од најави и очекувања, така што сега тој мора да излезе со содржина адекватна на говорите и заканите на неговите партиски челници и неговите лично. Се друго ќе биде крај за неговиот политички кредибилитет. Тоа значи дека токму од бомбата ќе зависат многу нешта, вклучувајќи и предвремени избори како опција, доколку тоа што Заев го поседува е навистина толку големо како скандал. Како трет интересен момент за анализа ќе е односот внатре во владината коалиција. ДУИ по неброен пат се заканува дека ќе излезе од Владата, додека ВМРО-ДПМНЕ за фијаското на државата да се справи со десетината сантиметри снег прстот го впери во директорот на Македонија пат, кадровско решение токму на Ахмети. Очекувам и оваа година да биде во знакот на најавите од Мала Речица дека кај и да е, овој четврток или следната среда, овој самит на ЕУ или следниот на НАТО, ќе ја напуштат Владата, но се додека министрите на Ахмети со наведнати глави молчат и кимаат додека нивните заменици од ВМРО-ДПМНЕ образлагаат законски решенија, останувам на она што го пишав пред четири години кога Ахмети почна со вакви закани, дека од оваа Влада попрво ќе излезе ВМРО-ДПМНЕ отколку ДУИ. Така ќе биде и годинава и опозицијата е во тежок офсајт ако мисли дека Ахмети ќе одработи нешто за нив. Од многуте сценарија коишто се вртат за надворешната политика, не верувам само во едно- дека ќе следува решавање на спорот за името. Од таков момент сметам дека сме уште многу далеку и сите такви шпекулации се производ или на обиди за дефокусирање или се плод на надежите на непоправливите оптимисти. Фактор во серија интервјуа или преземени ставови со дел од македонските новинари и уредници ќе се обиде да одговори на повеќе прашања што го тиштат македонското општество. Што добивме во 2014, а што очекуваме во 2015 година. Ги интервјуиравме или добивме став од Катерина Блажевска, Мухамед Зекири, Мирка Велиновска, Драган Павловиќ Латас, Катарина Синадиновска, Мирче Јовановски. Сите интервјуа ќе бидат објавени денеска (сабота 3 јануари).
Слично

Поврзани вести