СТАТИСТИКА ПРЕСМЕТА: Дали знаете што и каде извезуваме?
Во периодот јануари-декември 2017 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.
Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари-декември 2017 година, изнесува 308 341 881 илјадa денари и бележи пораст од 15.6% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-
декември 2017 година, изнесува 420 245 581 илјадa денари, што е за 11.7% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари-декември 2017 година, изнесува 111 903 700 илјади денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-декември 2017, изнесува 73.4%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот e најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно
согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел) и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени, обработувани не повеќе од топловаланите со ширина од 600мм или повеќе, намотани.
За споредба, трговскиот дефицит, во периодот јануари-декември 2016 година, изнесува 109 480 008 илјади денари.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-декември 2016, изнесува 70.9%.
