Економија, финансии, бизнис

Контакт

СТАРТУВАА СО НАМАЛЕНИ НАРАЧКИ, НО ЗАВРШИЈА СО ПОЗИТИВА – еве како одработе АД МОДА лани, најавуваат откази

СТАРТУВАА СО НАМАЛЕНИ НАРАЧКИ, НО ЗАВРШИЈА СО ПОЗИТИВА – еве како одработе АД МОДА лани, најавуваат откази

Иако годината ја почнаа со намалени нарачки, најмногу од главниот партнер во Германија, познатата конфекциска компанија АД „МОДА“ Свети Николе  успеа да ја заврши минатата година со добивка.

За работењето во текот на 2025 година компанијата остварила добивка од 3,9 милиони денари, согласно најновиот извештај објавен на Македонска берза. Сепак, првите луѓе во компанијата, во извештајот посочуваат дека и покрај фактот дека годината ја завршуваат во позитива, и понатаму има зголемен ризик поради пад на нарачките од Германија.

-  Во текот на 2025 година АД „МОДА“ оствари производни резултати кои се за 8 отсто подобри од минатогодишните, истовремено остварениот девизен прилив од остварениот извоз е за 5,4% по добар од минатогодишниот.

Остварено е производство и извоз на  761.663 конфекциски производи во вредност од 4.074.187 евра. Ваквиот извоз е за 5,4% по добар од минатогодишниот и се темели на зголеменото производство и по малите цени за 2,3% во однос на минатогодишните.

Треба да споменеме дека во услови на смалена побарувачка од КАСАМОДА,  остварено е производство од 29.734 кошули во вредност од 195.376 евра за останати коминтенти.

Во 2025 година се остварени 496.080 ефективни работни часови , што е за 3% повеќе од 2024 година – се посочува во извештајот.

Воедно компанијата информира дека продуктивноста, изразена преку девизен прилив по работен час, изнесува 8,21 евро и е за 2,4 отсто подобра од минатогодишната.

Приходите од редовното работење изнесуваат 290.497.285 денари, додека расходите изнесуваат 284.181.506 денари. Залихите на готови производи и недовршено производство на почетокот на годината изнесувале 5.412.928 денари, а на крајот на годината 2.996.521 денар. Остварени се финансиски приходи од 263.729 денари и финансиски расходи од 230.293 денари. Добивката од редовното работење изнесува 3.932.808 денари.

-  Приходите од работење се зголемени за 4%, додека расходите се зголемени за 0,9%. Најголем раст кај расходите бележат трошоците за вработените, кои се повисоки за 3,3%, додека останатите трошоци бележат намалување.

Во 2025 година не е исплатена дивиденда на акционерите. Вкупните инвестиции во движен и недвижен имот изнесуваат 7.200 евра, а нема извршено продажба ниту значителен отпис на материјални средства. Друштвото нема кредитни задолжувања и сите средства со кои располага се во негова сопственост.

Според извештајот, не постојат средства кои поради неадекватно мерење би можеле да влијаат на финансискиот резултат или да предизвикаат скриени добивки или загуби.

Во однос на планот за 2025 година, остварените 496.080 работни часови се за 1,2 отсто повеќе од планираното. Производството од 761.663 парчиња е за 9,4 проценти над планот, а извозот од 4.074.187 евра е за 6,6 отсто подобар од планираното.

Бруто-платата во 2025 година изнесува 3.384.087 евра, што е за 6,2 отсто повеќе од планираното, додека остварената добивка од 3.932.808 денари е четирикратно повисока од планираната.

-  Најголемиот ризик во работењето на друштвото е поврзан со фирмата KASAMODA од Германија и негативните тенденции на германскиот пазар многу се одразуваат на работењето на друштвото.

Во текот на целата 2025 година АД „МОДА“ се бореше со намалената побарувачка од германскиот партнер, кој истовремено е и мнозинскиот сопственик на друштвото и со намалената конкурентност поради растот на платите. Во вакви отежнати услови отпуштени се 26 работника по основ на технолошки вишок, и да не се доведеме до понатамошно намалување на  капацитетите се бараа налози од други партнери кои исто така беа наменети за извоз.

За жал ваквиот негативен тренд продолжува и во 2026 година, така од месец Април 2026 година сме соочени со падот на нарачките од КАСАМОДА од 2.500 парчиња  на 2.000 парчиња дневно. Оваа состојба неминовно ќе доведе до отпуштање на работници по основ на технолошки вишок и намалување на капацитетите за производство. Истовремено ова ќе предизвика додатни трошоци за исплата на отпремнини што негативно ќе влијае на финансискиот резултат во 2026 година – се посочува во извештајот.

Воедно компанијата на крајот од извештајот посочува дека единствената судска постапка што ја води Друштвото е тужба против Управата за јавни приходи. Во првостепената постапка пред Управниот суд одлуката била во корист на Друштвото, а се очекува решение од повторената постапка.

П.О.

Слично

Поврзани вести