Стартува обврската за поседување сертификат за енергетски карактеристики на градби
Доколку градежните компании не успеат да добијат сертификат кој ќе биде доказ дека градбата ги исполнува условите за енергетска ефикасност предвидени во Законот за енергетика, изградениот објект нема да може да се пушти во употреба.
Со почетокот на Новата 2015 година сите субјекти што сакаат да градат нов објект ќе бидат обврзани да извадат сертификат за енергетска ефикасност со што, како што сметаат експертитњ, ќе се воведе целосна контрола во спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност, почнувајќи од проектната документација, па се до финализирањето на објектот и неговото предавање во употреба.
Новите законски одредби ќе важат за новоизградените објекти и згради, како и зградите кои се подложни на значителна реконструкција односно реконструкција на повеќе од 25 отсто од површината на надворешноста на зградата.
Од обврската за прибавување на сертификат за енергетска ефикасност се ослободени индивидуалните објекти, зградите заштитени со посебен акт поради нивното посебно архитектонско или историско значење, зградите кои претставуваат недвижно културно наследство и споменички целини и меморијални споменици, згради за верски обреди или други религиозни активности, згради кои се користат привремено со време на користење од две години или помалку, производни хали, индустриски згради, работилници, магацини и нерезиденцијални згради за земјоделска дејност кои имаат мала побарувачка на енергија.
Исто така, осолободени се и зградите за домување кои се користат или се направени со намера да се користат за период помал од четири месеци во текот на годината, самостојни згради со вкупна корисната површина помала од 50 метри квадратни, времени објекти, помошни згради на системите за електронски комуникации, згради кои не се греат или се греат на температури до +12 степени и засолништа.
Енергетскиот пасош е елаборат што содржи податоци за енергетската класа на објектот и ја покажува годишната потрошувачка на топлинската енергија за греење.
Физичките и правни лица кои нема да обезбедат сертификат за енергетски карактеристики според Законот за градење, од 1 јануари 2015 година ќе се соочат со казни од 1.000 до 3.000 евра.
Слично
