СТАРО ЗАДОЛЖУВАЊЕ - НОВИ НАМЕНИ, дали пренамената и грантот од 68 милиони евра ќе помогнат да се комплетира пругата кон Бугарија
Средствата од задолжувњето одобрено од Европската банка за обнова и развој уште од 2014 година за изградба на пругата кон Бугарија ќе бидат пренаменети. По позитивниот одговор од ЕБОР, Македонија ќе пренасочи дел од средствата во консултантски услуги или изградба на друг дел од железницата, иако првично тие се одобрени за изградба на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка. Ова се прави благодарение на гранд од Инвестиционата рамка за Западен балкан кој изнесува 68 милиони евра.
Во законското решение доставено во собранието е посочено дека со склучување на Амандманот на договорот за заем, заемот во износ од 145 милиони евра првично наменет за финансирање само на изградба на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка ќе се пренамени.
Со измените, се планира 106.750.000 евра да бидат за изградба на железничката линија од Бељаковце до Крива Паланка (фаза 2), вклучувајќи и обнова на постојните делови од линијата. Потоа 4.500.000 евра за консултантска помош за надзор и поддршка при имплементацијата на договорот за градежни работи, финансирана од средствата на заемот и фондовите за техничка соработка.
За градежни работи за финализирање на изградбата на железничката линија од Куманово до Бељаковце (фаза 1) ќе се потрошат 30.200.000 евра. За финализирање на железничката пруга на Коридор X ќе се потрошат 2.100.000 евра. За еднократна провизија се планираат дури 1.450.000 евра. Се бара Законот да се донесе по скратена постапка.
- За финансирање на проектот Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце Крива Паланка-источниот дел од железничката пруга Коридор VIII, фаза 2, согласно Законот за задолжување на Република Македонија со заем кај ЕБОР по Договорот за заем за финансирање на проектот Изградба на нова и реконструкција на постојната делница Бељаковце-Крива Паланка, источниот дел од железничката пруга Коридор VIII, фаза 2 на 05.12.2014 година склучен е Договор за заем со Европската банка за обнова и развој - ЕБОР, во износ од 145 милиони евра. За кофинансирање на овој проект обезбеден е инвестициски грант од Инвестициска рамка за Западен Балкан - ВБИФ во износ од 68.558.824 евра. За обезбедување и користење на средствата на 14.06.2022 склучен е Договор за грант меѓу ЈП за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“ - Скопје и ЕБОР, како и Договор за обештетување од страна на државата претставувана од Министерството за финансии и ЕБОР – се наведува во законското решение.
Со инвестицискиот грант создадена е можност за пренамена на дел од средствата од заемот од ЕБОР за финансирање на други проектни активности. Во таа насока, Министерството за финансии, во соработка со Министерството за транспорт и врски и ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ на 02.06.2022 година достави барање до ЕБОР за Амандман на Договорот за заем од 05.12.2014 година, со кој ќе се направи прераспределба на средствата од заемот.
- На 30.09.2022 година ЕБОР достави допис со кој го потврди својот став за бараната пренамена со укажување дека за финансирање на изградбата на железничката станица Табановце, банката ја разгледува расположливата проектната документација и во периодот кој следи ќе спроведе due diligence мисија. Останува можноста за пренамена на средства, но само кога 50 проценти од активностите поврзани со Коридор X и Коридор VIII ќе бидат завршени. Амандманот на договорот за заем е усогласен со ЕБОР на 21.09.2022 година. Со склучување на Амандманот на договорот за заем, заемот во износ од 145 милиони евра првично наменет за финансирање само на изградба на железничката делница Бељаковце – Крива Паланка, ќе се пренамени. Активности ги имплементира „Железници на РСМ“. Средства од заемот ќе повлекува Министерството за транспорт и врски и врз основа на претходно разгледана и одобрена документација ќе ги исплаќа на „Железници на РСМ“ – се наведува во законот.
Предуслов за склучување на Амандманот на договорот за заем е изгласување на законотод Собранието и објавување во Службен весник.
Во јуни минатата година Државниот завод за ревизија, во извештајот за извршена ревизија на успешност „Задолжување на субјекти од јавен сектор, степен на искористеност на кредиите и заемите, платените и створените трошоци“ укажа оти има недостатоци во техничките решенија во проектната документација што значително влијае на крајните рокови за завршување на работите, како и на вредноста на проектот.
- Состојбата на некоординирано дејствување на институциите и отсуство на активно управување со процесите влијае на вкупната вредност на проектите и повисоки трошоци по договорите за заеми. Кај проектите од железничката инфраструктура за Коридор VIII постои неизвесност во искористувањето на грант средствата поради бавната динамика на реализација на проектите. Наведените состојби предизвикуваат застој и бавна динамика на реализација на стратешките инфраструктурни проекти, зголемени трошоци за проектите преку повисока цена на чинење на изградбата и зголемени трошоци по заемите, поради што реализацијата на јавните инвестиции кои се финансираат со заеми во целост не е спроведена на ефикасен и економичен начин. Ефектите од јавните инвестиции за остварување на инвестиционите цели се пролонгираат за идни периоди како резултат на продолжување на роковите за реализација на проектите – потенцираше ДЗР.
П.О.
