Економија, финансии, бизнис

Контакт

Становите во Карпош станаа поскапи од Центар

Становите во Карпош станаа поскапи од Центар

Во периодот јули – септември лани на целата територија на државава се продадени 674 новоизградени станови, за 195 повеќе во однос на вториот квартал од 2019, објави Агенцијата за катастар на недвижности. Најмногу продадени станови има во Општина Карпош 239, зад која следат Аеродром со 213, Центар со 142, Охрид  и Кисела Вода со по 123, Чаир со 102, Битола и Куманово по околу 80.

Од продадените најскапи се становите во општините Карпош и Центар, каде е постигната просечна цена од 60.398 односно 59.865 денари за метар квадратен. Меѓу поскапите се и становите во Аеродром, односно во третиот квартал за метар квадратен во просек се плаќало по 50.739 денари,  Кисела Вода со по 46.571 денар, Гази Баба со по 45.000 денари. Во Битола цената на метар квадратен изнесувала 33.897 денари, во Струга 32.214, во Струмица 31.502, во Кочани 30.080. Под овој износ односно по 28.730 денари и 26.780 денари чинел метар квадратен во Куманово и во Штип.

Од вкупни запишаните  317.084 станови во Регистарот на цени и закупи во Скопје, 64.301 се под хипотека, односно 20,28 проценти. Приближно 20 проценти од становите под хипотека се и во Неготино, 16 проценти се со таков статус во Гевгелија,  14 проценти во Кавадарци, 12 проценти во Битола и Штип, 11 проценти во Струмица.

Во анализираниот период најмногу продажби на куќи, 30, имало на територијата на Општина Битола,  по 20 се продадени во Кичево и во Карпош, по 15 во Охрид и Куманово. Деловни простории најмногу се купувале во Општина Центар, односно во трите месеци имало 23 такви трансакции, како и во Карпош  (21).  Кај продажбите на земјоделско земјиште, пак, лидери се Струга и Кочани со 48, а кај градежното земјиште Кичево со 27 продажби. Во периодот јули-септември имало и 12 продажби на индустриски капацитети.

Од 4.022 продажби во третиот квартал лани, 3.245 се на стари недвижности, 674 на новоградби, односно прва продажба на недвижностите, а регистрирани се и 95 откупи од државата и пет продажби по пат на лицитација. Споредено со третиот квартал 2018 година кога се регистрирани 792 продажби на нови станови, има пад од 118 продадени новоизградени станови, додека во однос на вториот квартал лани  има зголемување на продажбите за седум проценти.


Слично

Поврзани вести