СТАНОВИ НА ПРИЗЕМЈЕ И НА ПОТКРОВЈЕ: Зошто нивната продажба оди потешко?
Од агенциите за недвижен имот објаснуваат дека купувачите со задоволство ќе изберат станови на 1-ви или 2-ри кат, но избегнуваат станови на приземје или поткровје.
Велат дека овие станови често се продаваат по пониска цена, а приземјето не го сакаат поради страв од кражби, додека ако се работи за поткровје, се плашат дека може да се случи покривот да прокисне. Најголем интерес велат дека има за становите кои се до 5-ти кат.
„Зависи од тој што продава, ако знаете да продавате, ништо не е тешко. Факт е дека ќе има помал број на заинтересирани за станови на приземје и поткровје. Еве сега имам постара жена купувач и таа не сака стан на приземје, оти се плаши од кражби. До 5-ти кат луѓето најмногу бараат станови, а стан на поткровје исто не сакаат. Убави поткровја со убава висина, ако се закосени, ама да имаат висина, полесно се продаваат. Екстреми никој не сака. Приземје нулта кота не сакаат. Прво луѓето се плашат од поплави, пожари, но високо приземје, минимум да има 5 скали им е прифатливо. Мислам дека сега се трудат инвеститорите за тоа, да имаат повисоко преземје. Цената за станови на приземје и на поткровје ја спуштаме“, велат од скопска агенција за недвижности.
И во главниот град дел од луѓето кои поседувале станови на приземје или поткровје ни објаснија дека чекале повеќе од една година додека да ги продадат недвижностите. Kaвадарчанец пред 10 години објавил оглас за продажба на голем стан на приземје, и досега не е продаден.
„Се јавуваат, ама не се доволно сериозни. Се работи за стан со високо приземје. Најверојатно проблем е што станот е голем. Над 50 луѓе се јавија за 10 години, ама засега не е продаден. Мислам дека да бев во Скопје ќе беше полесно за продажба, затоа што во Скопје има факултети, некој може да го земе и да го издава, а овде ако некој го купи, тоа би било за живеење“, додава нашиот соговорник.
Но, има и други луѓе кои имале среќа и релативно брзо ги продале становите.
„За помалку од месец најдовме купувач за стан на приземје. Најверојатно затоа што станот беше луксузен, немаше проблем за наоѓање купувач. Претпоставувам дека затоа брзо се продаде. Сега живеам на поткровје. Ако поткровјето е добро направено, нема проблем“, објаснува битолчанец.
Становите за приземје често ги бараат за канцелариски простор.
„Ние брзо најдовме купувач. Долу има дуќани, а станот е на подигнато приземје. Реновиран беше, станот беше одржуван, на добра локација, сите витални објекти се блиску и затоа се продаде без тешкотии. Дури еден човек имаше идеја станот да го направи ординација, но таа идеја не се реализираше и се јави друг купувач, по што го продадовме“, вели Убавка Манчева, од внатрешноста на Македонија.
Александар Трајкоски од агенцијата за недвижности Енхелеја од Охрид додава дека ако се работи за стари згради, луѓето се плашат од протекување на поткровјето, а приземјето во Охрид како што вели е специфично, може да има влага, и ако хидроизолацијата не е добро направена, луѓето пак ќе имаат проблеми.
„Најчесто бараат станови на 3-ти или 4-ти кат, но тие да не се последни катови во зградата, туку да бидат некаде во средина. На тој начин избегнуваат прашина и врева кои долу ги има“, додава Трајкоски.
На интернет има и огласи каде заинтересирани купувачи бараат станови, но нагласуваат дека не сакаат стан на приземје или поткровје или пак задолжително бараат зграда со лифт.
Сања Атанасовска