Станот на Јанкуловска, мега скандал за кој паѓа министер или лага на Шилегов за која ќе оди на суд?!
Јанкуловска или Шилегов. Кој е во право? Портпаролот на СДСМ со серија прес конференции ја обвини министерката дека сокрила 65 м2 во имотот што го пријавила во антикорупциската комисија. Јанкуловска се закани со тужба за Шилегов.
Што објави СДСМ?
Имотниот лист на Гордана Јанкулоска е скандал сам по себе. Од него се гледа дека истата е сопственик на 182 м2, а не на 114 м2 како што стои во нејзиниот Анкетен лист, тврди портпаролот на социјалдемократите Петре Шилегов.
- Ова е имотниот лист на граѓанинот Јанкулоска. Во него јасно се гледа, дека на нејзино име во Катастарот се заведени 156 м2 стан и 26 м2 гаража. Ова пак, е анкетниот лист на Гордана Јанкулоска, министер за внатрешни работи. Тука се заведени само 114 м2. И сега каде е разликата? Ова е решението на Општина Центар со кое се одобрува легализација на дивоизграден кров на зградата во која живее Јанкулоска. Од него се гледа дека на станот број 59 во кој живее Јанкулоска одобрена е легализација на 65 м2 поткровје. Дали тоа значи дека станот на Јанкулоска бил купен со дивоградба од 65 м2? Тие 65 м2 се легализирани, со ова решение, во мандатот на екс градоначалникот Тодоровиќ, внимавајте, само 9 дена пред локалните избори. Може да претпоставиме по која цена? По евро за метар квадратен?! Односно 65 метри квадратни за 65 евра?! – рече Шилегов од СДСМ.Тој посочи дека барањето за легализација на покривот било поднесено во 2011 година, и како што рече министерката во моментот на купување на својот стан, знаела или требало да знае дека купува стан со дивоградба. Дивоградбата Јанкулоска ја легализирала на 14 март 2013 година. Само 9 дена пред изборите годинава, истакна портпаролот на СДСМ.
- Господине Груевски и Госпоѓо Јанкулоска, затоа ли донесовте жители на Пустец и ги направивте граѓани на скопски Центар? За да ги скријат вашите тајни за легализирани дивоградби за 65 евра?! За да ги скријат непријавените станови? Достапните документи покажуваат дека министерката за внатрешни работи од стан од 76 м2, за 5 години го зголемува својот семеен станбен имот во најмалку 270 м2. Од тоа што е познато. Или од 50 илјади евра на над 350 илјади евра! – праша Шилегов.Како се брани Јанкуловска?
Една лага, останува лага дури и сто пати да се повтори. Два плус два секогаш ќе бидат четири, без разлика што Шилегов упорно ќе повторува дека се три или пет, вели министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во писмената реакција на денешната прес конференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов. „Еве ги таксативно сите лаги, што беа аргументирано побиени и кои ќе треба да ги објасни пред суд: За манипулацијата дека незаконски сум заработила 200 000 евра, ниту објасни каде се парите, ниту на кој начин сум ги заработила. Самиот измисли сума, ја кажа и потоа беше најостро демантиран од Управата за јавни приходи, но и од документите со кои се докажува продажбата на стариот стан и подигнувањето на долгорочен кредит. За манипулацијата дека не постои кредитот од 90 000 евра, повторно беше најостро демантиран со договорот кој го имам склучено со Шпаркасе банка. За манипулацијата дека кредитот не сум го пријавила во Државната комисија за спречување на корупцијата, беше најостро демантиран од таму, но и од документите“, вели Јанкулоска во реакцијата додавајќи дека не е вистина дека плаќа рата од 3.500 евра, туку 559 евра месечно.Јанкулоска уште еднаш на увид ги стави сите документи кои, како што вели, ги потврдуваат нејзините тврдења околу нејзиниот станбен имот. Шилегов го повика премиерот Никола Груевски и Антикорупциската комисија, да соберат 250 денари и да го извадат имотниот лист на Јанкулоска од од Катастарот, за да можат да се уверат кој е во право, а министерката најави тужба за портпаролот на СДСМ.
Слично
