Економија, финансии, бизнис

Контакт

Станишев загрижен за слободата, Ховит порача правата да се почитуваат!

Станишев загрижен за слободата, Ховит порача правата да се почитуваат!

Денеска во посета на Македонија, на највисоко ниво, е делегација на Партијата на европски социјалисти, којашто ги обединува социјалдемократските, социјалистичките и лабуристичките партии од Европа.

Делагацијата се сретна со опозициската СДСМ а истата ја предводеше господинот Сергеј Станишев, претседателот на ПЕС.

Заменик претседателката на опозицијата Радмила Шекеринска изјави дека на средбата се разговарало за политичката состојба во Македонија.

„Ние се заблагодаривме за солидарноста којашто Партијата на европски социјалисти ја покажа и кон нашата држава и кон граѓаните, особено ставајќи акцент на квалитетот на демократијата и прашањето на слободите и правата на македонските граѓани“, истакна Шекеринска.

-Сакам со задоволство да кажам дека европската левица, социјалдемократите, и во Европскиот парламент, секогаш биле, и убедена сум, ќе продолжат да бидат најсилните поддржувачи на европските аспирации на Република Македонија. Во овие моменти на криза, Македонија може да се потпре на социјалдемократите и во Европскиот парламент и во земјите членки на Унијата, рече таа.

Сергеј Станишев, Претседател на ПЕС, изразил загриженост за  политичката криза во Македонија. Тој вели дека е потребно да се следат Копенхагеншките критериуми, што се очекува од земја кандидат за членство во ЕУ.

„Нема преговори за високите политички критериуми како слободата на судството, слободата на медиумите, слободата на говорот и секако слободата на опозицијата да ја критикува владата. Загрижени сме за обвинувањата упатени кон лидерот на опозицијата, господинот Зоран Заев“, истакна Станишев.

Ричард Ховит, пратеник во ЕП , пак упати молба до сите безбедносни и судски власти во земјава да ги почитуваат фундаменталните права, принципот на еднаквост пред законот и пресумпцијата на невиност.

„Има тажна историја во оваа земја, во овој регион, и во други делови на Европа, на системи на присмотра и легални обвинувања коишто земаа замав против индивидуи за политички цели. Овие пракси не треба да имаат место денес во земјава или во Европа“, изјави тој.

Тој нагласи дека со овие прашања не смее да се занимаваат само судските власти, ова е начин преку кој ќе биде препознаен начинот на којшто се одвиваат и ќе бидат тест за самите судски власти. За време на посетата, тие ќе зборуваат не само со раководството на СДСМ туку и со претставници на цивилното општество, со претставници на Владата и другите политички партии.

Слично

Поврзани вести