Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Стандард и Пурс“ го потврдија рејтингот ББ- со стабилен изглед: Фискалната политика на државата е насочена кон постепена консолидација и поддршка на растoт

„Стандард и Пурс“ го потврдија рејтингот ББ- со стабилен изглед: Фискалната политика на државата е насочена кон постепена консолидација и поддршка на растoт

Од Министерството за финансии соопштија дека Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“го потврди кредитниот рејтинг на РС Македонија ББ- со стабилен изглед, согласно најновиот извештај објавен денеска.

Во извештајот се наведува дека економскиот раст во 2026 година се проектира на околу 3,4 отсто, поддржан од силната домашна побарувачка, континуирано високото ниво на јавни инвестиции, особено во клучни инфраструктурни проекти.

„Агенцијата оценува дека ваквите инвестиции, заедно со растот на платите и пензиите, ќе продолжат да ја поддржуваат економската активност. На среден рок, се очекува стабилизирање на економскиот раст на ниво нешто над 3 отсто, со потенцијал за дополнително зајакнување преку приватни инвестиции и постепено закрепнување на надворешната побарувачка. Истовремено, во извештајот се посочуваат и одредени ризици, пред сè поврзани со геополитичките случувања, особено конфликтот на Блискиот Исток, кој може да влијае врз инфлацијата, цените на енергијата и економските текови кај главните трговски партнери на земјата. Во делот на јавните финансии, „Стандард и Пурс“ оценува дека фискалната политика на државата е насочена кон постепена консолидација, при истовремено задржување на силна поддршка за економскиот раст преку инвестиции и поддршка на животниот стандард. Буџетскиот дефицит се очекува постепено да се намалува во наредниот период, додека јавниот долг останува на контролирано и одржливо ниво на среден рок, во функција на развојните приоритети на економијата“, велат од Министерството за финансии. 

Во однос на структурните политики, се нагласува дека процесот на европска интеграција останува клучен двигател на реформите, и покрај тековните предизвици поврзани со пристапниот процес.

„Воедно, се препознаваат напорите на Владата за унапредување на институционалните капацитети, зајакнување на владеењето на правото и спроведување антикорупциски мерки. Кредитниот рејтинг претставува важен индикатор за инвеститорите и меѓународните финансиски пазари, бидејќи го одразува нивото на ризик и довербата во економските политики на државата“, додаваат од Министерството за финансии. 

Министерството ќе продолжи со спроведување на политики насочени кон одржување на макроекономската стабилност, постепена фискална консолидација, поддршка на инвестициите и унапредување на економскиот раст, со цел обезбедување повисок животен стандард за граѓаните.

Слично

Поврзани вести