Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стан од 280.000 евра во Центар – новата реалност на македонскиот пазар

Стан од 280.000 евра во Центар – новата реалност на македонскиот пазар

Цените на становите во Македонија продолжуваат со силен нагорен тренд, достигнувајќи рекордни нивоа, особено на најатрактивните локации во Скопје и Охрид, каде квадратниот метар веќе надминува 3.000 евра. И покрај високите цени, побарувачката за недвижности останува силна, што дополнително го поттикнува растот.

Најновите податоци на Народната банка покажуваат дека станбениот пазар бележи вртоглав раст. Во четвртиот квартал од минатата година, цените на становите во Скопје пораснале за дури 25 проценти на годишно ниво. Ваквиот тренд е континуиран во текот на целата година – и во третиот квартал е регистриран раст од 25,1 проценти.

Како илустрација за состојбата на пазарот, стан од 91 квадратен метар во општина Центар бил продаден за 280.000 евра, односно по цена од околу 3.000 евра за квадрат. Во Охрид, пак, новите станови на атрактивни локации покрај езерото и во централното градско подрачје достигнуваат и до 3.500 евра за квадратен метар.

Од градежниот сектор предупредуваат дека ваквиот раст на цените создава сериозен притисок врз сите учесници на пазарот – инвеститорите, купувачите, но и работната сила. Иако дел од прогнозите упатуваат на можна стабилизација на цените во текот на годинава, ново поскапување во иднина не се исклучува.

Иван Пешевски од Синдикатот за градежништво посочува дека продолжениот раст на цените може да има далекусежни економски и општествени последици – од продлабочување на социјалните разлики, до зголемена миграција.

„Цените на становите растат, но не и платите на градежните работници, кои често работат и по 12 часа дневно“, нагласува Пешевски.

И експертите предупредуваат дека без системски мерки и активна државна политика, станбениот пазар ризикува да стане уште еден фактор што ќе ја зголемува станбената несигурност и сиромаштијата кај граѓаните.


Слично

Поврзани вести