ССНМ бара итно повлекување на законот, додека Велиновска побара да се воведе лиценца за пропагандист новинар?!
Крајно спротиставени се мислењата на медиумските работници и експерти кои втор ден се дел од јавната расправа, која се одржа денеска во Собранието на Република Македонија за Предлог законот за медиуми.
Дел од новинарите и новинарските асоцијации сметаат дека законот не е потребен и бараат итно повлекување.
Оние кои застанаа во одбрана на законот за медиуми се уверени дека по изгласувањето на законот ќе се стави ред во новинарството и медиумската сфера во земјава. Првото излагање на денешната расправа за предлог законот за медиуми беше на министерот за информатичко општество, Иво Ивановски. Според Ивановски, регулативата ќе обезбеди независно новинарство, слобода на изразување, поголеми права на новинарите и поголеми обврски за сопствениците на медиумите, се со цел да овозможи развој на медиумскиот сектор. Меѓу предлозите кои им беа упатени до пратениците на денашната јавна расправа за предлог законот за медиуми, со цел да се подобри регулативата и да се усогласи со барањата и потребите на новинарскиот свет, новинарката Мирка Велиновска побара во медиумската сфера да се воведе лиценца за пропагандист новинар, која ќе разграничи што е објективно новинарство, а што диктирано. - Предлагам да се допрецизираат оние кои ќе се одлучат да вршат пропаганда за одредени центри на моќ, без разлика дали внатрешни, надворешни или фирми. Оние што застапуваат интереси на одредена целна група да се легитимираат како пропагандист или лобист, треба да се воведат лиценци за тоа, само за да се знае разликата. Дали сме новинари, работиме за јавен интерес, едуцираме, просветуваме луѓе, самите да донесуваат заклучоци или ќе правиме манипулации во корист на одредени политики -рече Велиновска. Од друга страна пак, новинарите кои не го одобруваат законот, повторно побараа тој да биде повлечен затоа што правните акти кои ги содржи веќе се дел од постоечкиот закон за радиодифузна дејност. Според претседателот на Синдикатот на новинари, Тамара Чаусидис, проблем претставуваат последиците кои ќе се појават по воведувањето на законот, а при што на удар ќе бидат критички поставените новинари. - Овој закон е дефинитивна пресметка со новинарството по сите обиди да се замолчи слободата на изразување. Денеска во Македонија критичкото новинарство е стигматизирано како предавничко, новинарите се предмет на прогон и дискредитација и се етикетирани затоа што се финансирани од надворешни донатори. Ефектот на апсењето на Кежаровски е застрашувачки и ја намалува храброста за слободно и истражувачко новинарство. Ако Владата сакаше да им помогне на новинарите ќе обезбедеше обврска кај работодавачите за здравствено и пензиско осигурување, рече Чаусидис.
